Постигнат договор за прекин на огнот помеѓу Израел и Палестинците


Израелската армија денеска соопшти дека денеска ги укина ограничувањата воведени поради заштита на жителите во јужниот дел на Израел.

Тоа е сигнал дека е постигнат договор за прекин на огнот со палестинските екстремисти во Појасот Газа, со цел да се стави крај на најкрвавиот судир помеѓу двете страни од војната во 2014 година.

Но не се објавени детали од договорот за прекин на огнот.

Претходно, палестински претставници изјавија дека е постигнат договор за прекин на огнот со посредство на Египет.

Според палестинските здравствени власти во нападите на израелската војска врз цели во Појасот Газа загинале 23 луѓе, меѓу кои и две бремени жени и две бебиња, како и деветмина екстремисти. При палестинските напади загинаа четворица Израелци.

Израел и Палестинците, од 2007 година, кога Хамас ја презеде контролата над Појасот Газа трипати војуваа.

Египетски посредници заедно со Обединети нации инсистираа на прекин на огнот. Врз основа на претходните договори Израел се согласи да направи отстапки во блокадата за Појасот Газа воведени пред повеќе од една деценија во замена за прекин на ракетирањето од страна на Палестинците.

Насилството почна во петокот, кога снајперист од палестинскиот Исламски џихад пукаше врз  израелски војници, а израелската армија одговори со воздушни напади.