Постери во Сплит ги поучуваат некултурните туристи: Однесувајте се како римскиот император да е дома


Во Сплит се поставени плакати кои ги предупредуваат некултурните туристи за казните што ќе ги добијат доколку не се однесуваат учтиво за време на престојот во овој град.

„Шетете во градот на римскиот император. Постапувајте како да е дома“, „Не вршете нужда и не повраќајте на јавни места“, „Забрането спиење на плоштади, паркови, градини и други јавни места“, „Користете тоалети – значи, мислиме на вистински тоалети, а не на ѕидови на палатата“, се некои од правилата наведени на плакатите.

Градот Сплит постави и информативни табли на најфреквентните места во стариот центар на градот.

Сакаме сите наши гости и посетители да се чувствуваат удобно и добредојдено во Сплит, притоа почитувајќи ги правилата кои им овозможуваат на нашите сограѓани во центарот на градот да живеат непречено“, напишаа тие. Казните за туристите кои нема да го почитуваат ова се до 300 евра.

Потсетуваме, Вахид Хаџиќ, главниот имам на Сплитската исламска заедница, неодамна за Слободна Далмација изјави дека туристите уринираат пред Меџлисот на улицата „Доминисова“.

„Во април имавме ситуација кога едно момче дојде да уринира на нашата врата, а кога ги виде нашите известувања и знаци на вратата, ги искина сите и ги фрли на подот. Потоа клекна на нив и ја исмеваше нашата молитва и плукна кон меџлисот и покажа среден прст. Да бидеме на чисто, вакви таргетирани ексцеси не се чести, можеби еднаш годишно, но секако не е пријатно“, рече меѓу другото.