Постапката за НАТО безбедносен сертификат за Спасовски е во тек
Постапката за стекнување НАТО безбедносен сертификат за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е во тек, а за министерот за правда Бојан Маричиќ, ваков документ воопшто не е ни потребен, нагласуваат од Владата за МИА.
Од Владата додаваат дека претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието поседуваат национални безбедносни сертификати.
-Северна Македонија ги остварува сите права и ги реализира сите обврски како полноправна членка на НАТО на идентичен начин со сите останати 29 земји сојузници. Административните постапки за стекнување безбедносни сертификати се идентични за сите држави членки и може да траат и до шест месеци, а пандемијата дополнително го пролонгира тој процес. За министерот за внатрешни работи, постапката е во тек, а за министерот за правда, ваков документ воопшто не е ни потребен. Независно од тоа, претседателот на државата, претседателот на Владата, претседателот на Собранието поседуваат национални безбедносни сертификати, се нагласува во изјавата од Владата за МИА.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски претходно денеска на прес-конференција праша дали Бојан Маричиќ е вториот министер во Владата на Заев, кој нема НАТО-сертификат.
-Дали првиот човек на правда е недоверлив според стандардите на НАТО? Покрај Оливер Спасовски, кој сам призна дека нема НАТО-сертификат, Маричиќ би бил вториот министер во Владата на Заев без сертификат, и тој како и Спасовски, води ресор од исклучителна важност за безбедноста на државата, посочи Петрушевски.