Посрамотениот психијатар Људмил Кљусев се врати од САД и отвори ординација во Скопје


Таблата во Скопје каде е наведена психијатриската ординација на д-р Људмил Кљусев

Синот на поранешниот премиер Никола Кљусев беше осуден на две години и два месеци затвор во САД затоа што нелегално препишувал лекови на пациенти

 

Синот на поранешниот премиер на Македонија Никола Кљусев, Људмил Кљусев, кој во САД беше осуден на 2 години и два месеци затвор за нелегално издавање лекови на пациенти, се врати во Македонија и отвори психијатриска ординација во Скопје. Во центарот на Скопје има голема табла преку која се рекламира неговата ординација.

Људмил Кљусев беше прогласен за виновен во процесот кој траеше 1,5 години. Неволјите за д-р Кљусев започнаа кога беше уапсен на 12 ноември 2015 година. Во конечната пресуда од судењето стои дека тој е виновен бидејќи нелегално препишувал лекови на пациенти и незаконски фактурирал здравствено осигурување. Според пресудата, Кљусев беше задолжен да плати и парична казна од 17.500 долари.

Освен тоа, Кљусев се согласи да се откаже од имотот каде се наоѓала неговата ординација, а требало да му бидат одземени и 173.000 долари кои биле запленети во неговата канцеларија на денот на неговото апсење. Истражните органи исто така му конфискуваа и 117.000 долари од неговата сметка. Судијата му нареди на Људмил Кљусев на две осигурителни компании да им плати вкупен надомест од 31.000 долари.

Истрагата се одвиваше преку полицаец на доверлива задача кој се претставувал како пациент, а беа вклучени и доверливи сведоци, бидејќи полицијата имала информации за нелегалната активност на д-р Кљусев во ординацијата во градот Милфорд, во Конектикат. Судските документи и изјави дадени во судот покажаа дека Кљусев нелегално ги препишувал лековите „адерал“ и „ксанакс“. Двата лекови се класифицирани како дрога и се стимуланси на централниот нервен систем. Оваа комбинација на лекови се користи за лекување на нарколепсија и хиперактивно нарушување. „Ксанакс“ најчесто се користи за лекување на анксиозни нарушувања или паника.

На Кљусев му беше одземена лиценцата за работа во САД. За време на судењето неговиот адвокат го праша судијата дали психијатарот може да се врати во Македонија откако ќе биде ослободен од затвор за да продолжи да заработува за живот како психијатар. На тоа судијата изјави дека не може да му овозможи да се врати во Македонија додека не ги врати сите криминални долгови.

Отворањето на ординацијата во Скопје покажува дека Људмил Кљусев сосема веројатно ги вратил сите „криминални долговои“. Денеска се јавивме на телефонот кој е наведен за контакт со ординацијата, но дали поради новогодишните празници, дали поради нешто друго, оттаму не ни се јави никој.

Но на профилот на д-р Кљусев на Фејсбук може да се прочита дека тој ја отворил ординацијата во Скопје сосема скоро, некаде во средината на октомври. Понатаму, дека д-р Кљусев е специјалист психијатар со супспецијалност за детска и адолесцентна психијатрија. Дека има повеќедецениско искуство во психијатријата од работа во големи институции – болници, старски домови, до своја приватна пракса во САД. Неговата ординација нуди и групни терапии за брачни парови, разни ментални нарушувања, зависности од коцка и алкохол како и други психоактивни терапевтски вештини. А и целосен третман на депресивното расположение, биполарност, анксиозност и сите видови на стрес и стресни состојби и фобии.

Од Лекарската комора на Македонија неофицијално дознавме дека д-р Људмил Кљусев има лиценца за работа откако се вратил во земјава по отслужената казна  затвор во Америка. Иако испративме офицјална електронска порака до Лекарската комора да ни дадат појаснување дали би можело да има некаков проблем со издавање лиценца во нашата држава, оттаму до пишувањето на овој текст не ни одговорија.

За време на судењето во САД, еден од адвокатите на д-р Људмил Кљусев, Морад Факшими, барајќи од судијата да го ослободи неговиот клиент поради угледот на семејството Кљусев, рече: „Тој до крајот на животот ќе страда поради овој срам што му го нанесе на неговиот татко“. (Н.В.)