Посмртните останки на 33 жртви на геноцид ќе бидат пренесени во Поточари


БиХ – Посмртните останки на 33 лица кои се убиени за време на масакрот во јули 1995 година во Сребреница, денеска од гробиштата во Високо ќе бидат пренесени во Меморијалниот центар Поточари.

Останките на 33-те жртви ќе бидат закопани на заеднички погреб на 11 јули.

Колоната која ќе се движи со табутите (носила на кои муслиманите го носат мртовецот) од Високо до Поточари, кратко ќе застанува на неколку места, меѓу кои и Претседателството на БиХ во Сараево.

Се очекува голем број граѓани да излезат на улиците и да им оддадат почит на убиените жртви.

Најмладата жртва која ќе биде закопана оваа година во Поточари е момче кое во тоа време имало само 16 години, а највозрасната е жена на 82 години.