(Галерија) Последното селфи со Универзална сала?

Фото: Б. Грданоски

Граѓанската иницијатива „Солидарни за срцето на Скопје“ вечерва одржаа собир за спас на Универзална сала на кој порачаа реконструкција и санација на истата локација, наместо нејзино уривање и дислокација.

Најавениот собир за поддршка на Универзална сала се одржа вечерва, пред платото на салата во 20 часот, иако беше најавен дека ќе се одржи неколку дена порано, но поради врнежите се одложи.

Фото: Б. Грданоски

Собирот во организација на граѓанската иницијатива „Солидарни за срцето на Скопје“ не беше многу масовен, но беше искрен. Но, сепак, имајќи предвид дека не се собраа многу граѓани барем беа запазени препораките и здравствените протоколи за носење заштитни маски и социјална дистанца на присутните заради корона епидемијата.

Од собирот граѓаните испратија јасна порака и апел дека „Универзална сала“ мора да остане на истата локација, но затоа побараа нејзина санација, промена на салата во ново руво и реконструкција со која ќе бидат запазени сите светски стандарди кои треба да ги поседува една современа концертна сала: од инфраструктура, комодитет на публиката, современа сцена, квалитетна сценска, звучна и светлосна техника, па се до врвна акустика, наместо нејзино уривање.

Поддршка на иницијативата дадоа и дел од познатите македонски музички и естрадни уметници, актери, организатори, промотери…, а настанот го проследија и голем број новинари од различни македонски медиуми.

Фото: Б. Грданоски

„Универзална сала е еден од симболите на Скопје, таа е обележје на градот, храм и светилиште на културата и уметноста, место каде најпознатите домашни, регионални и светски уметници од разнии профили оставиле дел од својата уметничка душа на јазината сцена, ја разменувале својата креативна енергија со публиката, го презентирале своето врвно уметничко творештво… Но, Универзална сала како објект кој е подарок од 20-ина земји од светот на разурнатото Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година е и симбол на хуманоста и солидарноста на човештвото на еден град и еден народ во неговите најтешки премрежја“, порачаа насобраните.

Затоа, „Универзална сала“ не смее да се урне, туку мора да се направи се’ таа да опстои и продолжи да постои , да го сочува овој лик, но во ново руво, со нов декор, на истото место – во срцето на Скопје, сметаат тие.

Дел од граѓаните кои излегоа за да ја спасат Универзална сала, направија селфи со неа, кое може да бид еи последно, ако се остварат најавите од Градот на тоа место да никне парк, а салата да се гради на друго место, односно кај спортската сала „Борис Трајковски.

Фото: Б. Грданоски

Кога пред две неделибеше најавен овој план, граѓаните бурно реагираа најмногу насоцијалните мрежи, па градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, појасни дека одлуката не е дефинитивна иако беше распишан конкурс за идејно решение за парк на местото на Универзална сала.

– Нема донесено конечна одлука за Универзалната сала. Првата опција е изградба на нова Универзална сала на постојната локација, втората е изградба на нова локација, и третата реконструкција. Мое мислење е дека најпосакувано решение за Универзална е реставрација, целосно обновување на салата, како и изградба на нова сала на нова локација – рече Шилегов, тогаш, а додаде дека референдум на кој граѓаните ќе одлучат што да се прави со објектот на Универзалната сала во Скопје, е една од опциите.

Фото: Б. Грданоски

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека зад рушењето на Универзална сала се кријат и некои бизнис интереси, односно дека во истата градска четврт се наоѓа и кругот на поранешната фабрика „Треска“, каде со измена на градежниот урбанистички план се планира да се изградат 50 нови згради. За да може стамбениот комплекс да се реализира ќе треба да биде застапен и соодветен процент на зеленило, па можеби ете процентот ќе биде исполнет со паркот на местото на концертната сала!?

Од ЦИВИЛ и организациската единица Зелен Цивил пак, во рамки на неформалната јавна дискусија поврзана со Универзална сала предлагаат консултативен локален референдум која ќе ја одреди судбината на овој објект, кој се смета за симбол на солидарноста.

Завчера пак, Независниот синдикат на градежни работници и инжинери и трговци во градежништвото НС ГРИТГ излезе со пресметка дека Универзална сала може многу лесно и со мала инвестиција да се санира и да продолжи да работи.

Универзалната сала од 2015 година е затворена, поради дотраеност на објектот. Во неа се одржале преку 5.000 концерти.(Н.В.)