Последниве три години Бугарија нема изградено речиси ништо на Коридорот 8


На преминот „Клепало“ кај Берово се чека со децении бугарска страна да пројави вистински интерес

Меѓу Македонија и Бугарија во моментов има три гранични премини. За другите два македонската страна со години чека Бугарија да се заинтересира да вложи средства. На преминот „Клепало“ кај Берово Македонија не само што изгради пристоен пат, туку и зграда за царината и полицијата. Од другата страна уште нема ништо

 

Иван Бојаџиски

ШТИП – „Македонија ништо не презема за изградба на Коридорот 8“ – ова е рефренот последнава половина година кој официјално Софија го користи како дел од оправдувањата за нејзиното вето на преговарачката рамка за нашата држава во ЕУ. Но дали навистина е така? Ситуацијата на патиштата кои од бугарска страна водат кон граничните премини со Македонија е иста со онаа на 1 август 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство, а од нашата држава се бараат градителски чуда и инвестиции од стотици и стотици милиони евра. А другата земја е членка на ЕУ и има пристап до големи европски фондови. Сега има три гранични премини кон Бугарија, а на другите два се чека со години затоа што бугарската страна нема некој посебен интерес за нивно отворање.

Во членот 5 од Договорот за добрососедство пишува дека двете договорни страни ќе се стремат да создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал. Тие ќе ги поттикнуваат заедничките инвестиции и ќе обезбедат нивна заштита. Од бугарска страна постојано се лиферуваат обвинувања дека Северна Македонија не правела ништо за инфраструктурно и бизнис поврзување помеѓу двете држави и дека поради југословенското минато нашата држава многу повеќе инвестициите во оваа сфера ги имала насочувано на југ кон Солун и на север кон Белград.

Во моментов двете држави сообраќајно се поврзани преку три гранични премини. Тоа се премините Деве Баир кај Крива Паланка, Делчево кај истоимениот град и Ново Село кај Струмица. Двата нови гранични премини, кои одамна требаше да бидат отворени но до такво нешто не е дојдено по вина на бугарската страна, се „Црна Скала“ кај Делчево и „Клепало“ кај Берово.

Преминот кај Делчево и Станке Лисичково е еден од трите меѓу двете држави, но тој е тесно грло. Проточноста никако да се зголеми

Во моментов РСМ инвестира околу 150 милиони евра во подобрување на патната инфраструктура кон Бугарија.

„Во моментов мошне активно работиме на Коридорот 8 каде на патот од Скопје до Крива Паланка инвеститаме околу сто милиони евра. Го прошируваме од две на три ленти, зашто тоа е паневропски коридор преку кој ќе се подобруваат комуникациските врски со Бугарија. Во тој дел инвестираме во експресен пат Ранковце-Крива Паланка, а само во тој проект инвестираме 58 милиони евра од вкупната сума. На едната делница имаме 40, а на другата 30 проценти завршени работи, а останатиот дел целосно се рехабилитира“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Бочварски појаснува дека уште 50 милиони евра последниве години се инвестирани во создавањето современа и квалитетна патна инфраструктура кон Бугарија за поврзување преку граничниот премин Делчево.

„Толку пари инвестиравме во патната насока Штип-Делчево, на овој потег градиме нов експресен пат Штип-Кочани кој половина е веќе завршен и таа прва фаза до селото Крупиште е пуштена во сообраќај. Извршивме целосна рехабилитација на патот Истибани – Македонска Каменица каде постојано имавме големи проблеми со одрони и застој во сообраќајот, го рехабилитиравме од корен сервисниот пат Виница – Бигла кој се приклучува кон патот кој води кон Делчево, а од таму и кон границата со Бугарија, извршивме целосна рехабилитација на патот од Делчево до граничниот премин со тоа што од селото Звегор до преминот функционираат три ленти. Летово го обновивме патот од Струмица до преминот Ново Село, а овде во план ни е и изградба на нов, експресен пат со што ќе направиме целосна и квалитетна конекциска врска помеѓу двете држави“, појаснува Бочварски.

Нашата држава од порано работеше на отворање на уште два гранични премини со Бугарија, едниот е „Црна Скала“ кај Делчево, вториот „Клепало“ кај Берово. Преку преминот „Црна Скала“ требаше да се излезе на Ќустендил, а тоа за 40 километри би го скратил патот до главниот град на Бугарија, Софија. Од нашата страна изградбата на пат од Делчево до „Црна Скала“ започна во 2001 година во време кога премиер беше Љупчо Георгиевски. Се изгради макадамски пат од 8 километри со парите од продажбата на „Телекомот“, но од страна на Бугарија немаше никаков одговор, иако првото населено место е на само три километри од претпоставениот граничен премин. Поради тоа тогашната, а и подоцнежните влади на нашата држава се откажаа од натамошно инвестирање.

Македонија се потруди и инвестира во отворање на граничниот премин „Клепало“, кај Берово. Дотаму се изгради пристоен алфалтен пат во должина од 17 километри, се изградија и сите објекти на самиот премин, царинска и полициска зграда, но иако имаше ветувања од бугарска страна за нивно учество во проектот и за поврзување на местото Струмјани до границата, до ден денешен на такво нешто не е работено.

„Од страна на Бугарија нема пат ниту до овој премин, но неодамна добивме информација од градоначалникот на првата општина со која треба да се поврзе оваа меѓународна патна сообраќајница дека Владата на Бугарија донела одлука со пари од Европската унија да инвестира во изградба на пат и ново прекугранично поврзување на двете држави преку ‘Клепало’. Тоа, секако, и за Бугарија и за нашата држава е добра вест зашто за нас тоа ќе значи подинамичен стопански развој посебно на недоволно развиениот Малешевски крај, а уште попосебно во сферата на туризмот“, коментира Бочварски.

За одбележување е дека додека Северна Македонија вложува 150 милиони евра во квалитетна инфраструктура во рамките на Коридорот 8, од страна на нашиот сосед ништо не е инвестирано во модернизација на патот од Благоевград до граничниот премин Станке Лисичково (од наша страна Делчево). Патот во должина од 30 километри е само послан со нов асфалт, а и граничниот премин е од тоа време, па во време на зголемена фреквенција на бугарска страна доаѓа до поголеми застои.

Во 2002 година од Делчево до Црна скала се инвестираа речиси два милиони евра. Патот беше пробиен и тампониран. Проектот беше стопиран, бидејќи од бугарска страна немаше никакви активности

Патот од Деве Баир до Ќустендил иако е со добар афалт, речиси целосно поминува низ неколку села, каде што според бугарските сообраќајни правила дозволената брзина е 50 километри на час и е невозможно побрзо да се стигне до автопатот кај Дупница, 64 километри од граничниот премин.  

Бугарија стана членка на ЕУ во 2007 година, и за дванаесет години од европските фондови доби 30 милијарди евра, кои во најголем дел ги искористи за средување на својата сообраќајна инфраструктура. Сега од сите страни на државата кон главниот град Софија и кон Црното Море се патува по најсовремени автопатишта, но ништо, или многу малку од тие европски пари беа инвестирани во подобро сообраќајно поврзување со нашата држава.