Последниот маж од домородно племе почина од корона вирус


И последниот маж од бразилско домородно племе кое во текот на 20 век било жртва на масакр во неколку продори на мнозинското население, почина од последиците на корона вирусот.

Арука Јума умре во средата на возраст меѓу 86 и 90 години, а беше последниот маж припадник на племето Јума, кое некогаш броело 15.000 луѓе.

Зачестените масакри во текот на 20 век ја намалија популацијата на племето. До 2002 година останаа само петмина – Арука Јума, неговите три ќерки и внуче, пишува британски „Телеграф“.

Настојуваа да се изолираат

Бразилските племиња се посебно ранливи од пандемијата од корона вирус поради изолацијата, заедничкиот начин на живот и лошата здравствена заштита. На почетокот на пандемијата, бројните домородни племиња настојуваа да се изолираат од надворешниот свет затворајќи сообраќајници и одбивајќи посетители.

Меѓутоа, таквите напори пропаднаа и вирусот сепак се проби во автохтоните заедници. Имаат речиси 49.000 заразени и 969 починати, а погодени се 162 автохтони заедници, според податоците на бразилските власти.

Делумно, виновен е сојузниот завод за здравствена заштита на домородците, познат како Сесаи. Податоците укажуваат дека вирусот во најмалите три региони го донеле заразени вработени во Сесаи, а истражувањата на „Њујорк тајмс“, покажуваат дека во Сесаи имало повеќе од 1.000 заразени работници, кои биле принудени да работат без соодветна заштитна опрема или доволно време за тестирање.

Домородните групи, од кои многу се без каков и да е контакт со надворешниот свет, се соочуваат со закани поради упадот на рудари или земјоделски компании, кои се влошија во текот на популистичкото владеење на претседателот Жаир Болсонаро.

Сведочел на најголемиот масакр

Како тиејџер во 60-тите години, Јума сведочел на најголемиот масакр над своето племе, кога на нивна територија нападнале трговци со гумени чепови и тропски ореви. Тогаш биле убиени 60 припадници на племето Јума, а само седуммина преживеале.

Идните неколку десетлетија водел кампања на ниво на сојузна држава да му се признае правото на земјата Јума, но напорите биле отежнати заради недостиг на други мажи од племето и семејната одлука да се преселат во друго племе, Уру-еу-вау-вау, каде се омажила неговата ќерка.

Неговата најстара ќерка, Бореа Јума, рекла дека има намера да оти по стапките на татко ѝ.

– Сакам да се борам како мојот татко. Тој беше воин. Беше поглавица, јас сум поглавица и сега лозата е угасена – рекла таа.