Последни анкети во Бугарија: Иста мета, исто растојание


Главните актери на изборите на 11 јули

На изборите в недела, 11 јули, не се очекува никаква промена во составот на парламентот на Бугарија, покажуваат последните две анкети. Според нив, во новото бугарско собрание ќе влезат истите шест партии како и по изборите на 4 април, со тоа што првите две партии, ГЕРБ и Има таков народ, се речиси изедначени.

Анкетата на агенцијата „Маркет линкс“ покажа дека поддршката за ГЕРБ е 19,7%, а за Има таков народ – 18,8 отсто. Во анкетата на Центарот за анализи и маркетинг двете партии имаат иста поддршка, нешто над 20 проценти.  Разликата од изборите во април е што тогаш поддршката за ГЕРБ беше 26,2, а за Има таков народ 17,7 отсто. Очигледно дека објавувањето на американските санкции против шестмина функционери и бизнисмени имаше влијание врз расположението на граѓаните со тоа што се намали поддршката за партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Распоредот во преференциите спрема другите партии е многу сличен. Бугарската социјалистичка партија (БСП) според „Маркет линкс“ би добила 16,9, а Демократска Бугарија 12,5 отсто. Петтата и шестата партија кои ќе влезат во собранието се ДПС на бугарските Турци со 9,5 отсто поддршка и Исправи се! Мутри надвор со 5,4 проценти. Слично е и во анкетата на Центарот за анализи и маркетинг.

И според двете истражувања патриотската коалиција околу ВМРО е под прагот од четири проценти за влез во парламентот.

Сепак, според одговорните лица во двете агенции тешко е да се предвиди конечниот резултат, бидејќи тој во многу нешта ќе зависи и од излезноста и во земјата, но и на Бугарите во странство за кои сега има отворено многу повеќе избирачки места.

Доколку на изборите со остварат овие резултати Бугарија ја чека уште една голема неизвесност околу формирањето влада, затоа што ќе биде многу тешко за протестните партии да формираат влада. Исто толку тешко ќе биде и за оние партии кои ги означуваат дека се борат за задржување на статус-кво: ГЕРБ, БСП и ДПС. (Н.В.)