Последната техничка проверка на автобусот била на 5 октомври


Остатоците од изгорениот автобус (Фото: Ројтерс)

Последната техничка проверка на автобусот на „Беса Транс„, што изгоре денес во Бугарија, била направена на 5 октомври годинава, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата вечерва. Тој дополни дека истрагата ќе каже што се случило за да дојде до ваква трагедија. 

Министерот Благој Бовчарски потврди дека сопственикот на „Беса транс“ во 2018 година добил лиценца за вршење меѓународен превоз. Тој нагласи дека лиценца, покрај компанијата, треба да има и секое возило, а во нивната евиденција има такви документи само за четири автобуси на „Беса транс“. Притоа, тој  потврди дека возилото што изгоре не било пријавено според законот и го нема во базата на податоци на Министерството за транспорт. Тој исто така соопшти дека според законот сопственикот требало да достави и доказ за доволен број возачи со сертификат. Само фактот дека соственикот вршел превоз без лиценца за автобусот, според Бовчарски, бил доволна причина Министерството за транспорт да ја започне постапката за одземање на дозволата за работа на компанијата. 

Спасовски прецизираше дека вкупната бројка на загинатите од терен е 45, од кои 12 се деца, при што апелираше да се почека на извештајот од Бугарија за податоците за загинатите како и за причините за несреќата.Според неговите првични информации во автобусот сепак имало двајца возачи. Тој соопшти дека државата ќе се вклучи целосно во транспортот на загинатите назад во Македонија. 

Бовчарски рече дека во овој момент додека трае истрагата не може да каже како и колку пати овој автобус превезувал патници и излегувал од државата, но посочи дека од страна на граничните  органи требало да му бидат побарани документите што се предвидени законски, вклучувајќи ја и лиценцата за автобусот. 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека испратиле нота до бугарското МНР за да бидат вклучени и наши експерти од судска медицина во утврдувањето на идентитетот и состојбата на загинатите.