„Последната лента на Крап” – монодрама на Ѓорѓи Јолевски во МНТ


На малата сцена во Македонскиот народен театар задутре (30 декември) напладне ќе има премиера на монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, во изведба, режија и продукција на Ѓорѓи Јолевски.

МНТ соопшти дека „Последната лента на Крап” е претстава за и- золацијата и стареењето, за кревкоста на сеќавањето, за нашиот комплексен однос со технологијата, за свет во кој времето неповратно минува и бројните ограничувања со кои не соочува животот.

– Ова е претстава за осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти. Меѓу нив една лента има посебно место: таа што се наоѓа во Кутија три – ролна пет. На неа е снимен тој, средовечниот Крап, пред цели 30 години, одамна минато време, каде што зборува за уште подалечни, а клучни настани од својот одамна изминат младешки свет, за изгубената љубов, за смртта на неговата мајка, за илузиите и неуспешната кариера. А стариот Крап, сега има амбивалентен однос кон тоа што го слуша, најави МНТ.

 

Претставата е копродукциски проект помеѓу Македонскиот народен театар и Перипетија-продукција од Скопје. Продуцент е Ѓорѓи Јолевски, а извршен продуцент е Никола Кимовски. Текстот од англиски на македонски го преведе драматургот Владимир Јанчевски. Сценографијата, дизајнот на плакатот и програмскиот каталог се на Сергеј Светозарев, а костимограф на претсвата е Ивана Каранфиловска-Угуровска.

Билетите се достапни онлајн на веб-страницата како и на билетарницата во МНТ.  Билетарницата работи во понеделник и вторник од 12 до 18 и среда од 9 до 14 часот.