Последна порака од Лисабон: Македонскиот јазик бил дел од бугарскиот


Ана Паола Закаријас потврди дека двете земји биле под притисок да се најде компромис

Португалската министерка за Европа, Ана Паола Закаријас, во разговор со новинарите пред завршувањето на претседателството, изјави дека „ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји… Ние мора да ја почитуваме бугарската позиција и тоа го сторивме“

 

На два дена пред завршувањето на португалското претседателство официјален Лисабон го помести тасот на вагата во спорот меѓу Бугарија и Македонија повеќе кон Софија. Разговарајќи со група европски новинари во Лисабон пред да ја предаде европската палка на Словенија, министерката за европски прашања на Португалија, Ана Паола Закаријас, изјави дека дебатата била особено тешка за Бугарија, нејзиниот јазик и култура. И без да спомене македонски јазик рече: „ Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји“.

Закаријас само споредно го спомена португалскиот предлог како можност да се најде компромис што во Скопје и Софија го донесе министерот за надворешни работи Аугусто Сантос Силва, кој од македонските власти беше оценет како добра основа за понатамошни разговори, туку на новинарите им рече:

„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто како патоказ кој ќе им помогне да работат заедно и Бугарија да има гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, работите ќе се одвиваат полесно. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји“.

Според неа, бугарските власти ги чекаат резултатите од изборите на 11 јули за да ги определат нивните идни постапки.

Закаријас на одреден начин ја повтори често споменуваната бугарска забелешка дека проблемите требало да бидат решени пред да почнат преговорите за членство, а не да се внесуваат во ЕУ. 

„Ние мора да ја почитуваме бугарската позиција и тоа го сторивме. И важно е да не се воведат несогласувања и проблеми во ЕУ меѓу две земји. Ние сакаме тие да бидат решени пред некоја земја да влезе во Европската унија. Затоа не можеме да отпочнеме, затоа што мораше да ѝ дадеме време на Бугарија да го реши ова со Северна Македонија пред да ја свикаме меѓувладината конференција“.

Таа потврди дека двете земји биле под притисок да се најде компромис: „Тука постои рамнотежа, затоа ние извршивме притисок и врз Бугарија, затоа што ставивме добар предлог на маса – да се разгледа, да се види дали може да проработи. Ние исто така работиме со Северна Македонија и се обидуваме да видиме дали ќе дојде време кога можеме да се согласиме за ова“.

Закаријас го нагласи и она што се искажува од Софија,- дека Бугарија не е против членството на Македонија во ЕУ – но рече: „На Бугарија и требаше повеќе време да разговара за овие прашања. Двете земји се обидуваат да го искажат својот став – Бугарија секогаш велеше дека не е против членството на Северна Македонија во ЕУ, напротив, таа сака да биде таму. Но, таа додаде дека треба да има јасност во некои аспекти. Затоа понекогаш е потребно повеќе време, поголема претпазливост и дебатата треба да продолжи. Сигурна сум дека нашите колеги од Словенија, кои се од истиот регион, секако можат да го поддржат овој процес и да помогнат да се придвижи со сите сили. Мислам дека нашите напори беа ценети и од Бугарија и од Северна Македонија. Но, потребно е време и балансирање на притисокот што го правиме и разбирање на ситуацијата што треба да се постигне. Како претседателство, сакавме да ја одбележиме оваа точка, но треба да ги разбереме околностите“, рече Закаријас.

На 22 јуни, по министерскиот состанок со кој таа претседаваше и на кој Бугарија повторно стави вето, Закаријас изјави дека иако имало „длабока дебата“ за проширувањето на Европската унија и датумот на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија, не беше постигнат договор.

„И покрај сите напори не беше возможно да се постигне договор за отворање на преговарачкиот процес за Македонија и Албанија и да се оди на први меѓувладини конференции. Заклучивме дека претседателството на Словенија со ЕУ ќе продолжи со напорите да се дојде до решение врз основа на предлогот на португалското претседателство“, рече Закаријас. 

На забелешката дека Португалија како претседавач доживеала неуспех во мисијата со Македонија и Албанија и дека тоа ќе предизвика голем пад на довербата во Унијата, португалската министерка тогаш одговори: 

„Португалското претседателство стори сѐ што може да најде можен компромис. Навистина сакавме да имаме не две туку четири меѓувладини конференции денес, но беше многу тешко. Ние го разбираме тешкиот политичкиот момент во кој живеат Бугарија и Северна Македонија. Сѐ уште не е момент. Мора да најдеме решение со кое ќе се чувствуваат удобно сите страни. Го охрабруваме словенечкото претседателство да продолжи со напорите и да не го губи моментумот, да ја продолжи расправата и да ги искористи предлозите што се на маса. Се надевам дека ќе ги имаме тие две меѓувладини конференции што е можно побрзо, за време на идниот семестар“, рече Закаријас. (Н.В.)