Последна отстапка на Заев – избори на 8 јули


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на СДСМ ја повика опозицијата да биде одговорна и рационална. Доколку има договор, од Владата ќе побара продолжување на вонредната состојба за три дена

 

Ден по неуспешните разговори во кабинетот на шефот на државата, претседателот на СДСМ, денеска ја претстави последната понуда до опозицијата – избори на 8 јули. Зоран Заев изјави оти тоа е последната отстапка до ВМРО-ДПМНЕ по сите отстапки што ги направиле од декември наваму.

„Ова не е време како порано, кога на претходната власт ѝ одоговараа избори без опозиција. Демократијата во која живееме бара активно учество на опозицијата, затоа јас нема да робувам на 5 јули и како датум да се држам фиксно до него. Имајќи  предвид дека г. Мицкоски и јас повеќе пати спомнувавме дека е поприфатливо изборите да се одржат во среда и тој да биде неработен ден, еве отстапувам од 5 јули и согласен сум изборите да бидат на 8 јули“, рече Заев во одговор на новинарско прашање при отворање на новото крило во болницата во Струмица.

Тој објасни дека во понеделник и вторник би гласале болните и изнемоштени лица, луѓето што се во самоизолација и заразените од корона, било да се во болница, било да се дома.

„Не станува збор за избор или некаков инает за одреден фиксен датум. Овде станува збор за нашата држава и нашиот народ, за подобро справување со корона кризата, за здравствената и економска криза. Институциите се за сите граѓани – и за тие што ја поддржаа власта и за тие што ја поддржуваат опозицијата и за тие што никого не поддржуваат. Затоа е многу важно учеството на опозицијата“.

Според него, есента мора да се дочека со институции со полн легитимитет, со Собрание и политичка влада.

Тој му се обрати директно на Христијан Мицкоски:

„Господине Мицкоски, почитувано раководство на ВМРО-ДПМНЕ, еве ја правиме последната отстапка, а правиме отстапки од крајот на декември до сега. Прифатете го овој предизвик, да излеземе заедно, подобриот нека ја добие честа и одговорноста од нашиот народ и да ги вратиме институциите.

Јас верувам дека денеска ќе имаме комуникација со Мицкоски. Вонредната состојба завршува вечерва на полноќ и ако се договориме за 8 јули ќе ја замолам Владата да свика седница да донесат предлог за продолжување на вонредната состојба за три дена. Овој пат заради договор со опозицијата. Немаме аргументи, реално кажано, да бараме продолжување на вонредната состојба поради економски причини, но три дена ќе дадат правно решение за избори на 8 јули“, рече Зоран Заев во Струмица. (Н.В.)