Последна недела на Иванов во претседателската резиденција
Досегашниот претседател Ѓорге Иванов од денеска ја троши последната седмица во резиденцијата на Водно. В недела, на 12 мај, на Иванов му завршува вториот претседателски мандат.
Од евентуалните прегласувања на вториот круг, како и од тоа кога спикерот Талат Џафери ќе ја закаже собраниската седница за инаугурација на новиот претседател, зависи дали тој истиот ден – односно од 12 мај, ќе ја преземе функцијата. Или, пак, сепак, ќе се создаде одреден вакуум и Џафери барем десетина дена ќе биде в.д. шеф на државата.
Иванов вчера го исполни своето гласачко право во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, по што изјави дека очекува мирен изборен ден и избор на петтиот претседател на државата. Рече дека очекува идниот претседател да има многу помирен мандат, да се справи со сите предизвици и да наоѓа решенија со сите институции за благосостојба на земјата, на граѓаните и за остварување на стратегиските цели што ги имаме поставено.
– На идниот претседател му посакувам да ги исполни сите ветувања, затоа што граѓаните тоа го очекуваат и да го сочува достоинството на институцијата претседател – рече Иванов.
Тој е претседател со најдолг стаж досега во земјава и прв што беше избиран двапати едно по друго на непосредни избори. И во 2009 и во 2014 година беше кандидат на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за последните две години да ги помине во кохабитација со новата влада на СДСМ и на ДУИ. Во овој период, соработката меѓу носителите на извршната власт беше далеку од функционална и конструктивна, а најголемите разидувања се случија околу Преспанскиот договор.
Во 2009 година противкандидат на Иванов во вториот круг му беше универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, а во 2014 Пендаровски, кому сега треба да му ја предаде претседателската функција. Иванов влезе во политиката како професор на Правниот факултет во Скопје, но прашање е дали тој ќе се врати на катедрата, со оглед на информациите дека од неговиот кабинет се распрашувале во Службата за општи и заеднички работи на владата колкав буџет му следува по завршувањето на мандатот.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство, по престанок на функцијата тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници, како и право на лично обезбедување, на службено возило и возач.
Според Уставот, претседателот го изразува државното единство и ја претставува земјата на меѓународната политичка сцена. Претседателскиот мандат трае пет години почнувајќи од свеченото положување заклетва во Собранието. За претседател исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот го определува мандаторот за состав на Владата, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите, ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници, склучува меѓународни договори, доделува одликувања и признанија и дава помилувања. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателите на државата и на Собранието.
Во рамки на надлежностите на претседателот е и да предлага по двајца членови на Уставниот суд и на Судскиот совет. Тој го предлага и гувернерот на Народна банка, а истовремено е врховен командант на вооружените сили, го поставува и го разрешува началникот на Генералштабот на АРМ, поставува и разрешува генерали. Тој е и претседател на Советот за безбедност и именува тројца од членовите. Претседателот, исто така, го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање. (А.М.М.)