Последен ден за предлози на нови имиња за улиците, мостовите, плоштадите во Скопје


Скопјани уште денеска можат да предлагаат нови имиња на улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти во главниот град.

Граѓаните ќе имаат можност да предлагаат само имиња на топоними, но не и локации кои би биле именувани со овие имиња.

Анкетата за доставување за прибирање предлози за нови имиња на топоними (улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти) ја објави Град Скопје на 29 јули годинава, а отворена е до денеска, 18 август.

На веб-страницата на Град Скопје е објавен онлајн-прашалник преку кој на граѓаните им се овомзожува да испраќаат свои предлози за топоними преку интернет, со одговарање на неколку прашања, или ќе треба да одвојат помалку од пет минути. Оние граѓани што не користат интернет, имаа можност своите предлози преку пошта да ги испраќаат до Град Скопје, најдоцна до денеска.

Согласно Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, имињата на градските топоними „можат да бидат определени со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личнсот од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и со име на значаен настан и датум врз основа на листа на имиња“.

Предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисија за именување на улици, полоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје, што има задача да ја состави листата на имиња во согласност со одредбите на овој Закон. Листата во форма на предлог се доставува до Советот на Град Скопје, кој ја утврдува по претходно добиени мислења од општините во согласност со Владата.

Комисијата за именување на улици, полоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје ќе ги разгледа предлозите на граѓаните, но нема обврска сите нив да ги вклучи во листата што ќе му биде предложена на Советот.

Постои голем интерес кај скопјани да се вклучат во анкетата. Граѓаните со кои МИА разговараше, велат дека веќе го пополниле онлајн-прашалникот. Нивните предлози, како што ни изјавија, најчесто се однесуваат за личности кои придонеле за афирмација на Скопје и на државата. Меѓу предлозите се Тоше Проески, Есма, Горан Стефановски, Ванчо Петрушевски…