После 50 години се реновира оддел во Институтот за трансфузиона медицина


Министерот за здравство Венко Филипче заедно со заменикот министер за здравство д-р Арменд Арслани и директорот на Институтот за трансфузиона медицина д-р Садула Усеини, вчера направија увид во објектот на специјалистичко-консултативниот оддел на Институтот, каде се врши целосно реновирање.

-После пет децении целосно го реновираме објектот на специјалистичко-консултативниот оддел на Институт за трансфузиона медицина, како дел од долгорочната стратегија за унапредување на услугите во јавното здравство и подобрување на условите за работа на здравствените работници. За две и пол години ги подобривме условите во триесетина здравствени установи, а продолжуваме и понатаму да вложуваме во здравството како клучен сегмент, изјави Филипче.

Имено, станува збор за објект којшто е стар повеќе од 50 години, а реновирањето се извршува во рамки на планот и стратегијата за унапредување на здравствната заштита во оваа јавна-здравствена установа. Комплетно се обновува приемниот дел, направено е прилагодување и целосна реконструкција, која овозможува непречено циркуларно движење на пациентите. Во рамки на објектот ќе функционира една приемна соба за хемостатски лабораториски анализи за прием на примероци од другите здравствени установи и пациенти упатени од матични лекари за анализи, како и две амбуланти за специјалистичко-консултативна дејност.

Исто така, во одделот за хемостаза се реновирани и сите лабораториски простории и оформена е дежурна соба со што целосно се исполнети условите за 24-часовно покривање на потребите на клиниките за хемостатски анализи. Целосно е реновиран и Центарот за хемофилија и обезбедени се соодветни просторни услови за згрижување на пациентите со хемофилија и други коагулациски нарушувања.

Во специјалистичко-консултативниот оддел на Институтот за трансфузиона медицина се третираат пациенти со длабока венска тромбоза и површен тромбофлебит. Ова е честа патологија која се прави во Институтот. Исто така, се прават и фемостатски анализи на поголем број пациенти по индикација на лекари.