После 50 години Делчево добива модерна водоводна мрежа


Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска во Делчево направи увид во градежни активности за реконструкција на водоводната мрежа, проект кој се реализира после 50 години во три населби на градот со вкупна должина од 4,5 км.

Се работи на реконструкција на водоводната мрежа во дел од населбата Ново Делчево со должина од 1,8 км, по што следуваат работи на терен во населбата Милково Брдо, каде ќе се изврши замена на старата дотраена водоводна инсталација во должина од 2,3 км, а ќе се реконструира и потисниот цевковод во должина од 450 метри. Реконструкцијата подразбира замена на старата дотраена водоводна мрежа со ПВЦ-инсталации, што значи подобрување на квалитетот на водата за пиење и елиминирање на загубите на вода, превенирање на дефектите во водоводниот систем, а најзначајно е влијанието врз здравјето на граѓаните.

Ваквите проекти во општините, каде има успешна реализација се пример за соработка помеѓу локалната и централната власт, а во интерес на решавање на проблемите со коишто се соочуваат граѓаните.

Инвестицијата е вредна 18,8 милиони денари, средства кои се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски во висина од 15 милиони денари, додека 3,5 милиони денари се учество на Општина Делчево. Со реализацијата на овие проекти, водоводната мрежа во Делчево ќе биде над 90% со ПВЦ-инсталации.