Поскапува такси превозот во Битола, бурни реакции кај граѓаните

Според новиот тарифник 60 денари ќе чини старт со вклучен еден километар ќе нини 60 денари, а за секој нареден километар ќе се плаќаат 25 денари


Таксистите се жалат дека не можат да работат со досегашните цени

 

БИТОЛА – Битолчани во наредниот период ќе плаќаат поскап такси превоз, откако мнозинството во Советот на Општина Битола гласаше за поскапување на  услугата. Така, на пример, за најблиската релација до 3 км, граѓаните досега плаќаа 90 денари, а  сега ќе плаќаат 110 денари. Претходно стартот беше 30 денари, а секој километар се плаќаше по 20 денари.

Според новиот тарифник стартот со вклучен еден километар ќе чини 60 денари, а за секој нареден километар ќе се плаќаат 25 денари. Чекање во траење од еден час ќе чини 300 денари. 

Поскапувањето на такси превозот предизвика бурни реакции во битолската јавност, па и на денешната расправа во Советот на Битола. Од негодување за поскапувањето, па сѐ до поддршка за лиценцираните такси превозници.

„Во овој момент ние не можеме да опстоиме. Тргнете од вас дека вие нема да работите 30 дена во месецот. Ние не сме членови на никакви други комисии за да имаме дополнителни примања. Живееме од таксито. Ако планираме ова да го работиме треба вие да го почитувате тоа и ние да опстоиме. Доколку не го прифаќате поскапувањето  принудени сме да ги затвориме фирмите и да станеме диви таксисти. Табличките во багажникот и толку“, рече лиценциран таксист од Битола кој заедно со група таксисти го чекаа исходот од расправата на седницата на Совет, дали ќе се одобри поскапувањето на такси превозот.  

Поскапувањето на такси превозот во Битола е за 125 проценти пресмета опозицијата. Според неа, граѓаните во услови на економска криза ќе се насочат на користење на услугите на дивите таксисти и нема да биде во интерес на лиценцираните такси превозници кои регуларно ги подмируваат обврските кон државата.

„Од 2019 стартот е 30 денари, сега е 60 денари. Тоа е зголемување за 100 проценти, за секој километар дополнително 5 денари од претходните 20 денари, тоа е плус поскапување од 25 проценти. Дали во време на криза е потребно вакво поскапување? Дали со оваа мерка ќе ги стимулираме граѓаните повеќе да ги користат своите возила и каква ќе биде состојбата на амбиенталниот воздух? Дали ќе изигруваме регулаторна комисија и процентуално да ја зголемуваме цената на такси превозот?“, рече Борче Корлевски советник на СДСМ.

За советниците на ВМРО-ДПМНЕ зголемувањето на цената на такси услугите е оправдано и во сооднос со поскапувањата на горивата и други економски параметри.

„Зголемувањето е  5 денари за километар, смешни 5 денари. За вашата весела математика ќе кажеме дека таксистите работат под својот минимум. Што треба – да ги направиме социјални случаи и тие да се пријават во трудот и да им исплаќаме социјална помош? Луѓето сакаат чесно да заработат. Ви кажаа дека автоделовите се поскапени, горивата, пералната, возилата не им се обновени. Што да прават, со кочија да ги носат граѓаните. Наместо да ги обноват возилата вие тука им кажувате математика“, рече Бојан Бојковски, советник на ВМРО ДПМНЕ.   (А.Б.)