Поскапува паркирањето на ЈП „Градски паркинг“ – причина се зголемените трошоци за одржување


Советот на Град Скопје на својата седница утре (9 декември) ќе гласа за измена на Ценовникот на ЈП „Градски паркинг“. Според предлог-одлуката, паркирањето на паркинзите на претпријатието ќе поскапи за 5 денари.

Односно, еден час паркирање во зона А наместо 45 ќе биде 50 денари, во зона Б наместо 35 ќе се плаќа 40 денари, додека во зоните Ц и Д наместо 25 – сега ќе биде 30 денари.

Има предвидени измени и за месечната платплата за вработените кај правен субјект кој со своето седиште гравитира кон јавното паркиралиште. Наместо досегашните 800, сега е предложено да се плаќа 2.000 денари.

Причина за ваквото постапување, се вели во предлог-одлуката, е поради зголемените трошоци за одржување на јавните паркинзи и катните гаражи со кои стопанисува претпријатието.

„Имено, трошоците за тековно одржување за струја, вода, сервисирање на лифтови и одржување на опремата инсталирана на јавните паркиралишта и во катните гаражи во изминатиот период се зголемени и со цел навремено сервисирање на истите се јави потреба од оваа измена на Ценовникот“, стои во образложението на предлог-одлуката.

„Мета.мк“ претходно објави дека поради различните правила на паркинзите во Град Скопје, граѓаните мора да се снаоѓаат со цел да избегнат казни. Паркирањето во Скопје е „равенка со многу непознати“, а покрај фактот што бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање е за неколку пати поголем од бројот на паркинг места со кои располагаат јавните претпријатија, стапката на моторизација на населението расте, со тоа само растат и грижите за пронаоѓање на место за паркирање кај возачите.

ЈП „Градски паркинг“ стопанисува со 10 затворени паркиралишта, зонско паркирање во 4 зони, т.е. 33 подзони и 2 катни гаражи. Вкупно има 1.684 паркинг места на затворените паркиралишта, од кои 34 се наменети за лица со посебни потреби. Во зонското паркирање пак, 5.747 места и 1.050 во катните гаражи, односно по 127 и 33 места за лицата со посебни потреби.