Поскапите акцизи ќе важат до крајот на годинава, во новата цена на бензините вградена и повисоката давачка


Фото: Б. Грданоски

Зголемените акцизи за три денари ќе важат речиси до крајот на оваа година, произлегува од Уредбата со законска сила што е објавена во Службен весник.

„Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба како и 7 месеци од престанокот на траењето на вонредната состојба“, стои во Уредбата.

Имајќи предвид дека вонредната состојба ќе трае најмалку до средината на мај, во случај да не биде продолжена, произлегува дека цените на дериватите ќе бидат оптоварени со повиската акциза најмалку до средината на декември годинава.

Инаку, денес на прес конференција портпаролот на Владата Муамет Хоџа излезе со пресметка дека доколку цените на акцизата се зголемат за три денари до септември при истото драстично намалено ниво на потрошувачка ќе се покријат 18 милиони евра. Ако, пак, цените на акцизата се зголемат за 3 денари до декември ќе се покријат 31 милион евра, или 241 милион евра на годишно ниво ќе има плус еден милион евра споредено со 2019 година, но секако се уште помалку од околу 14 милиони евра споредено со планот за 2020 година или проектирано 255 милиони евра по основ на акциза на нафта, појасни Хоџа.

Инаку, во новата цена на нафтените деривати што ја објави Регулаторната комисија за енергетика веќе е вградена новата акциза.

Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за 3,5 денари по литар, а цената на дизелот се зголемува за 1,5 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлука на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати за 3,12 проценти.
Новата малопродажна цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 52 денари по литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 54 денари. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), изнесува 46,50 денари по литар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), ќе се продава по 34 денари. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС изнесува 19,123 денари по килограм.