Поскапиот увоз ја чинел германската економија 110 милијарди евра


 

Германската економија порасна минатата година, но во исто време увезува драматично поскапа енергија и полупроизводи, па реалниот приход падна за 0,7 отсто, објави во петокот економскиот институт Ифо.

Во 2022 година, Германија заврши со раст на бруто домашниот производ од 1,9 отсто, но „поголем дел од тој колач отиде во странство, преку поскап увоз“, рече економистот на Ифо, Тимо Волмершаузер.

Ифо ја проценува вредноста на падот на реалниот доход на речиси 110 милијарди евра.

Економијата навистина порасна со стапка повисока од долгорочниот просек, но половина од очекуваното пред почетокот на војната во Украина, според влијателниот институт.

Германија увезува енергија и полупроизводи за сопствено производство, а увозот стана поскап, така што „поголемиот дел од приходот отиде за плаќање сметки во странство“, вели Ифо, истакнувајќи дека само мерењето на БДП не е точен показател за економскиот просперитет.