Поскапе имотниот лист – за да се исплатат давачките ќе треба кредит


Тројно поскапеа дел од катастарските услуги, па при купување нов стан и упис во Катастар, за имотен лист наместо 1,250 денари, граѓаните ќе треба да платат најмалку 3.750 денари, јави Сител.

Досега, при промена на сопственост, во еден имотен лист се запишуваше покрај квадратурата на станот и дел од заедничките простории, како и дел од земјиштето под зградата. Сега, ќе треба да се плати за секој имотен лист посебно, што значи 3-те листа граѓаните ќе ги чини 3,750 денари, плус 600 денари за нотарски услуги. Ако купуваат и гаража, ќе треба да платат за уште еден имотен лист, односно дополнителни 1.250 денари.

Агенцијата за Катастар го објави новиот Тарифник, со кој поскапеа и геодетите. Согласност за поскaпувањата дала Владата на 30 јануари, а Тарифникот стапи на сила на 15-ти февруари. 

Значително е поскапувањето за инвеститорите на инфраструктурни објекти. За предбележување на имотен лист во фаза на градба ќе се плаќа по 5,250 денари по имотен лист. Истата сума е и за предбележување како услов за запишување на инфраструктурните објекти. За бришење на предбележување услугата чини 2,625 денари.

Значително поскапување има и кај премерот што го прават геодетите, како и за самото изготвување на планот. За Сител велат дека сега граѓаните ќе треба да подигаат кредит за да можат да ги платат високите давачки. Но, за колку вкупно се поскапени услугите, не можат точно да кажат, затоа што не ги направиле деталните пресметки.

Причините за зголемување на цените е поради зголемените реални трошоци (струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите и сл.), кои се основа за пресметување на надоместокот, а се однесуваат за извршување на геодетски работи.

„Сведоци сме на големото зголемување на цените на режиските трошоци (струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, плати и сл.) во изминативе неколку години. Цените пак, на услугите кои ги обезбедуваат геодетските друштва се непроменети изминативе 10 години (последниот Тарифник е донесен во 2014 година и цената на струја/ гориво и сл. е енормно зголемена од тогаш до денес). Примената на новиот Тарифник за геодетските друштва ќе значи изедначување на зголемените реални трошоци и цените кои друштвата ги наплаќаат за вршење на своите услуги (работа без загуби), а тоа ќе придонесе за испорачување на поквалитетна услуга кон крајните корисници“, изјавија од АКН за МИА.

Новините и промените во Тарифникот за висината на надоместот за извршените геодетски работи од страна на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи главно се однесуваат на коригирање на цените.

„Со овој Тарифник се утврдува надоместот за геодетско катастарски услуги кои го наплаќаат Трговците поединци овластени геодети и Трговските друштва за геодетски работи на Република Северна Македонија за да се испорача квалитет на конкретна услуга и/или за да се изработи геодетски елаборат. Надоместоците дефинирани во Тарифникот обезбедуваат оптимални услови за извршување на геодетско катастарските работи, согласно Законот за катастар на недвижности. Зголемувањето на цените се јави како потреба заради зголемените реални трошоци (струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите и сл.), кои се основа за пресметување на надоместокот, а се однесуваат за извршување на геодетски работи“, појаснуваат од АКН.

Во висината на надоместоците од правилникот не се пресметани трошоците за користење податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем, како и данокот на додена вредност.

Трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи надоместот за извршените геодтески работи пропишан со овој тарифник можат да го намалат најмногу до 50 проценти.