Поскапе и парното греење – скопјани ќе плаќаат 14 отсто повисоки сметки

БЕГ давал по два милиони евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да даде 13,8 милиони евра. Разликата ќе ја надополнат Владата и општините во Скопје


 

Цената на парното греење за скопјани од утре се зголемува за 14,05 отсто, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Процентот на зголемување на цената е ист за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните со топлинска енергија  – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север. Со одлуката на РКЕ цената на парното се враќа на нивото што го имаше во 2018 година.

Како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимовски на денешната прес-конференција, основен критериум за формирање на цената на парното греење е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ производство му е понудена цена од 1480 долари. При формирањето на цената за крајните потрошувачи РКЕ вкалкулирала цена на гасот од 340 до 350 долари за нормален кубен метар, бидејќи цената што му е понудена на БЕГ е досега највисока откакао се користи природниот гас во земјава.

-РКЕ не може да прифати ценовни шокови и значително зголемување на цената на топлинската енергија и не може товарот да го префрли само врз потрошувачите. Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас од 1480 долари во крајната цена за топлинската енергија ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција и решение само ќе ги влоши состојбите и во секторот за топлинска енергија и во секторот за природен гас. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената и вишокиот трошок за набавкана гас, рече Бислимовски и додаде дека проблемот со цената на природниот гас не е наш и го има во цела Европа.

Нагласи дека Владата веќе презема одредени чекори, кои, како што рече, ќе ги објави во наредниот период со цел да најде начин како да се покрие трошокот за парно греење кој што не е покриен со одлуката на РКЕ за цената.

-Барам и апелирам до Градот Скопје и до општините на Градот Скопје да помогнат за покривање на дел од трошоците за топлинска енергија во Градот Скопје, рече Бислимоски.

Посочи дека просечниот трошок за набавка на природен гас во 2021 година изнесува околу 2 милиони евра, а за јануари 2022 година изнесува 13,8 милиони евра. Со одлуката РКЕ се признава трошок од околу 4 милиони евра. Разликата во цена од околу 9 милиони евра, како што кажа, ќе ја надополнат сите чинители, Владата и општините на Град Скопје.

Нагласи дека е набавен гас за ЕСМ Енергетика и за топланата Скопје Север, како и за  работењето на БЕГ, но се бара начин како да се плати гасот кој вообичаено авансно се плаќа за две недели. За наредните 10-тина дена обезбеден е природен гас, прецизира тој, а ќе се најде начин да се плати и преостанатитот дел и додаде дека не е опција граѓаните на Скопје да останат без парно греење.

Во одговор на прашање рече дека сите топлани можат да се префрлат на работа на мазут за само неколку дена, а БЕГ како најголем снабдувач е должен да има резерви од мазут за 15-дневно работење, но нагласи дека не ја препорачува од еколошки аспект. Доколку почната да користат мазут топланите, додаде, значи дека мора до крајот на грејната сезона да работат само на мазут.

-Доколку се дојде до некоја крајна ситуација, да нема природен гас или цената на природниот гас да биде екстремно висока со цел да има греење во Градот Скопје може да се разгледува и оваа опција, но единствено како крајна, бидејќи топланите се до згради каде живеат луѓе и може да го зголемат загадувањето, кое и така е високо во зимскиот период во деновите кога нема ветер, посочи Бислимоски.

Во системот на БЕГ има околу 60.000 корисници, во Скопје Север околу 500, а кај ЕСМ Енергетика околу 4000 потрошувачи.