Поскапата струја е резултат на погрешните политики во енергетиката, вели Мицкоски


Поскапувањето на струјата е резултат на погрешните политики во енергетскиот сектор, високата маржа за универзалниот снабдувач, но и партиските вработувања во државните енергетсски компании, обвини денес на прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој најави дека против ваквите, како што ги нарече, штетни политики, неговата партија ќе се бори и во иднина во рамките на институциите, но и надвор од нив.

На прес конференцијата која на моменти наликуваше како да е час за енергетика, Мицкоски објаснуваше како се формира цената на струјата според постојниот Закон за енергетика и која е улогата на секој од учесниците во тој процес – ЕСМ, МЕПСО, ЕВН и „ЕВН хоум“.

„Постојат три одговори на клучните прашања зошто цената на електричната енергија е покачемна за 7,4 проценти. Прво, високата маржа на универзалниот снабдувач на сметка на ниската цена на компанијата која што е во државна сопственост и индиректно ги оштетува граѓаните, потоа поради големите и масовни партиски вработувања пред изборите со што драстично се зголемија трошоците за вработените во компаниите во државна сопственост како МЕПСО, МЕМО, ЕСМ и третата суштинска работа е што пред изборите во насока на поткуп на гласови само во поранешно ЕЛЕМ, сегашно ЕСМ беа исплатени под превезот на К-15, тринаесетта плата и тн, по 26 илјади денари по вработен“, рече Мицкоски.

Според него сето ова недомаќинско работење и сите овие погрешни политики денес ги чинат граѓаните повиски сметки за 7,4 проценти.

Мицкоски ја обвини и Регулаторната комисија за енергетика за политичко калкулантство бидејќи одлуката за новата цена на струјата ја одложи, па така, на место на почетокот на јули, кога вообичаено е периодот кога се решава за ова прашање, седницата на РКЕ беше одржана по изборите.

„Се чудам зошто тоа не го направија како што секогаш го прават, на почетокот на јули и зошто ја одложија седницата – бидејќи регулаторен период е од 1 јули до 30 јуни во годината, а не од 1 август до 31 јули. Но, одговорот е јасен – затоа што тоа беше политичко калкулантство и директно политичко замешателство, да се остави за по изборите“, рече Мицкоски. (М.Ј.)