Посетата на папата Франциск на Скопје топ вест во српските медиуми


Фото: Б. Грданоски

Посетата на папата Франциск на Северна Македонија наиде на голем одзив во српските медиуми, кои и пред и за време на посетата, во детали ја проследија во своите ударни термини и на насловните страници.

Државната РТС во текот на денот информираше дека Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, служеше миса на плоштадот во Скопје, на која присуствуваа околу 15.000 граѓани од Северна Македонија и соседните земји, а повеќето од нив се од Хрватска. За време на состанокот со официјални претставници во Скопје, папата порача дека Република Северна Македонија е мост меѓу Истокот и Западот и место каде што се вкрстуваат многу културни струи, пренесе РТС, од каде наведоа дека посетата на папата се смета за историски чин и се одвива во исклучително важен период за Северна Македонија.

Б-92 и ББЦ на српски јазик за посетата на папата пишуваат дека „Скопје на еден ден станало центар на римокатоличкиот свет“, Курир дека „папата е дочекан со леб и сол“, а „Спутник Србија“ на својот сајт овозможи во живо да се следи мисата на папата на плоштадот.

Агенцијата Бета и ТВ Н1 со насловот „Папата се поклони и се молеше пред срцето на Мајка Тереза во Скопје“ ја пренесоа пораката на папата Франциск, дека „овде постојат практично различни верски припадности – православни, муслимани, католици, евреи и протестанти, како и етнички припадности, Македонци, Албанци Срби, Хрвати и други кои создаваат мозаик во кој секој камен е потребен за оригиналноста и убавината на целиот мозаик”. Меѓу бројните знамиња на земјите од светот на плоштадот во Скопје е и знамето на Србија, пренесоа овие медиуми.

Вечерни новости одеше со насловот „Папата во посета на Северна Македонија-Вие сте мост меѓу Истокот и Западот“, а Танјуг и РТВојводина информираа за средбата на папата со Иванов, под наслов „Вашата посета на Македонија е во момент на големи поделби, црквите и џамиите служат како тврдини за одбрана на територијата.“

Радио Слободна Европа на српски јазик за посетата на папата во Скопје наведе дека таа е историска и претставува одредена поддршка на патот на европската интеграција на Северна Македонија.

– Мултиетничкиот и мултирелигиозниот состав е вашето најголемо богатство. Историските сведоштва од византиското и отоманското минато, монументалните тврдини во планините и прекрасните иконостаси во старите цркви го докажуваат христијанското присуство уште од времето на апостолите и ја изразуваат богатата илјадагодишна култура што земјата ја наследи, го цитира Радио Слободна Европа папата од неговата посета на Северна Мкедонија.