Португалија ќе направи сѐ да почнат преговорите со Македонија


Португалското претседателство со Европската унија го смета процесот на проширување како важно прашање и ќе направат сѐ што е во негова моќ да се динамизира дијалогот за усогласување на преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ.
 
Ова на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и на шефот на дипломатијата Бујар Османи, им го пренел Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја претседавач со Советот на ЕУ, на синоќешната средба во Брисел.
 
На средбата е разговарано за програмата и приоритетите на португалското претседателство, со акцент на очекувањата за процесот на проширување во претстојниот период. На состанокот беше отворено и европското досие на Северна Македонија, за што двете страни разменија мислења за идните можни чекори кои би се реализирале под палката на Португалското претседателство со ЕУ, соопшти владината прес-служба.
 
Димитров и Османи беа едногласни за време на разговорот дека евроинтегративниот процес мора да добие засилено внимание особено во случајот на Северна Македонија која од март минатата година има консезуална одлука од сите земји членки за отпочнување на преговорите. Тие ја потврдија посветеноста на земјата кон реформскиот процес, нагласувајќи дека јасната перспектива на земјата како идна полноправна членка на ЕУ, претставува најсилен поттик за продолжување на реформскиот процес и инкорпорирање на европските вредности дома.
 
Силва даде осврт на приоритетите на португалското претседателството кои се насочени кон социјална, дигитална и зелена Европа; со зајакната доверба на нејзините граѓани во европскиот социјален модел; промовирање на Унија заснована на заеднички вредности, солидарност, трансформација и кохезија – Унија способна на координирана акција за закрепнување од кризата предизвикана од КОВИД-19.
Средбата беше одржана на маргините на вчерашниот Совет за надворешни работи на ЕУ на кои присуствуваа министрите за надворешни работи на земјите-членки.
 
Во рамките на вториот ден од посетата на Брисел, Димитров и Османи денеска треба да имаат заеднички средби со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, како и со претставници на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување.