Португалскиот премиер Коста в понеделник во Скопје


 

И покрај тоа што поднесе оставка поради истрагата за корупција, португалскиот премиер Антонио Коста и натаму е активен во работите на Европската унија. Од недела тој тргнува на мини турнеја по Западен Балкан за да нагласи дека иднината на регионот е во Унијата и да ги поттикне реформите.

В недела тој ќе допатува во Тирана, каде што ќе разговара со албанскиот премиер Еди Рама. В понеделник во Скопје ќе има средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а истиот ден ќе биде во Подгорица каде што ќе има ручек со црногорскиот шеф на владата Милојко Спаиќ.

Овие негови посети се во рамките на подготовките на декемврискиот самит на ЕУ, кој ќе биде еден од најтешките последниве години. На него треба да се расправа за проширувањето на ЕУ и се очекува политичка битка дали да се одреди почеток на преговорите со Украина и Молдавија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (петок) изјави дека Украина треба да чека 10 години за почеток на преговорите и дека тој ќе биде црвсто против таквата одлука на европските лидери.