Португалската амбасадорка вели дека никогаш не би го загрозиле изнаоѓањето решение меѓу Софија и Скопје
„Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Напротив, постојано се обидуваме да го олесниме“, вели во изјавата за Дојче веле, Марија Вирџиниа Мендес да Силва Пина, португалската амбасадорка во Македонија. Таа ги демантира извештаите во бугарските медиуми, коишто пренесоа изјава на државната секретарка за европски прашања Ана Паула Закаријас дека „јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји“.
„Таа спомена дека има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот, историјата и бугарскиот и македонскиот јазик“, вели португалската амбасадорка во С. Македонија за ДВ.
Бугарското национално радио (БНР) денеска јави дека министерката на Португалија за Европа, Ана Поула Закаријаш, во разговор со новинари во Лисабон, ја опишала дебатата меѓу двете земји како „тешка“ и истакнала: „Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија. Таа е поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто што се нарекува патоказ, што ќе им помогне да соработуваат и Бугарија ќе добие гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат“.
Премиерот Зоран Заев најави дека службите во Министерството за надворешни работи ќе ја проверат автентичноста на изјавата на португалската министерка Закаријаш, во која вели дека македонскиот некогаш бил дел од бугарскиот јазик, па ќе реагира соодветно.
На прашање дали и по ваквата изјава смета дека португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија е сè уште добар, премиерот рече дека во него Португалија не зазема страни и потсетува дека тој содржи изјави и на двете страни кои даваат свои толкувања за спорните прашања. (ДВ)