Португалската амбасадорка му ја пренела на Заев силната поддршка на нејзината земја
Премиерот Зоран Заев се сретна со Марија Виржиња Пина, амбасадорката на Португалија и на состанокот била пренесена силна поддршка од Лисабон и од португалското претседателство за европерспективите на нашата држава. „Португалија, како држава којашто гради мостови, посебно ги почитува политиките на премиерот Заев и на Владата – на создавање решенија, наместо проблеми“, стои во соопштението на владината прес-служба. Тоа е случај со развојот на добрососедските односи со Грција и Бугарија, но и со сработеното во реформските процеси на домашен план, поради што, Португалија, како земја којашто претседава со Советот на ЕУ, цени дека Република Северна Македонија треба да биде дел од семејството на ЕУ.
Премиерот Заев изрази голема благодарност за вложувањата и за заложбите на Португалија, во рамки на португалското претседателство, за продолжување на процесот на проширување на ЕУ, преку креативните решенија, коишто нашата држава ги цени како добра основа во развивањето на односите со Република Бугарија.
„Покажавме како држава дека сме функционална мултиетничка демократија, којашто е силно определена кон европските вредности. Ни значи поддршката од земјите членки на ЕУ. Но, нашиот став е дека за сработеното, време е да се оддаде признание преку конкретен исчекор на нашиот евроинтеграциски пат“, рекол премиерот Заев.