Португалија ќе стори се што е во нејзина моќ за почеток на преговори со Северна Македонија, порачуваат од Брисел
– Во фокус на разговорот беше иднината на политиката на проширување на ЕУ, пред сѐ во контекст на случувањата по усвојувањето на новата Методологија и можностите кои ги нуди за динамизирање на процесот, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија, важноста и придобивките од регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи како клучни елементи за европската перспектива, како за земјата, така и за целиот регион, информира владината Прес-служба.
На средбата бил потенциран фактот дека Северна Македонија има навистина голем број пријатели меѓу земјите членки на ЕУ, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите за целосно интегрирање на Западниот Балкан во европскиот блок и за „конечно комплетирање на Унијата“.
Димитров и Османи на средбата нагласиле дека Владата продолжува со реформите со цел да се задржи фокусот на реформските процеси и да се одржи „позитивното досие за Северна Македонија“.
Борел, од своја страна, во текот на разговорите го поздравил високото ниво на усогласување на Северна Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
– Средбата на Димитров и Османи со Борел доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и во таа насока соговорниците се согласија дека започнувањето на преговорите со Северна Македонија ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион, соопшти владината прес-служба.
Османи и Димитров се сретнаа и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, на која се разговарало за европската перспектива на Северна Македонија, добрососедските односи, регионалните иницијативи, како и очекувањата во периодот што претстои. И на оваа средба било заклучено дека земјава е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија, при што беше потенцирано дека земјата е успешна европска приказна во регионот, а со тоа и пример за другите држави од Западен Балкан – јасно прикажувајќи ја трансформативната моќ на европската идеја.
– Од тие причини, европската перспектива на Северна Македонија мора да продолжи без разлика на предизвиците на овој пат. Тоа ќе биде потврда за одржувањето на политиката на проширување на агендата на ЕУ, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните, заклучено е на состанокот.
Во меѓувреме, португалскиот министер за надворешни работи Силва изјави во Европскиот парламент дека целите на неговата земја како претседавач на ЕУ во областа на проширувањето се „прилично амбициозни“.
-Ние сакаме да придонесеме за одобрување на преговарачките рамките со Северна Македонија и Албанија и да ги продолжиме тековните преговори со Србија и Црна Гора, изјави Сантош Силва во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ).
Неколку европратеници посочија дека ЕУ не смее да ги заборави БиХ и Косово, како и на препреките и проблемите што Бугарија, како што рече членката на АФЕТ, Изабел Сантош, и ги поставува на Северна Македонија на патот кон ЕУ.
Европратеникот Андор Дели ги посочи разликите во пристапот кон процесот на проширување помеѓу Советот и Европскиот парламент и го праша португалскиот министер што ќе направи за да се забрза спроведувањето на новата методологија за преговори.
-Ниту една измена од оваа методологија не е воведена, кажа Дели, додавајќи дека се „потребни позитивни пораки за да се забрза процесот на проширување“.
Европратеникот Андреас Шидер праша на кој начин ќе се работи за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Шидер исто така рече дека е заинтересиран што ќе се случи со дијалогот меѓу Косово и Србија. -Мислам дека е важно Европа да го преземе водството во тој дијалог, кажа европратеникот.
Одговарајќи на прашањата на пратениците, Сантош Силва кажа дека прашањата меѓу Северна Македонија и Бугарија мора да бидат решени, бидејќи тоа „се одразува на ЕУ во целина“, дека тие се надеваат на напредок во тој процес и дека одлуките од минатата година во врска со отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да се спроведат.