Портрет – Стево Пендаровски: Претседателскиот советник стана претседател


Стево Пендаровски, веројатно, в недела ќе ја положи свечената заклетва во парламентот и ќе ја преземе од Ѓорге Иванов претседателската функција. Потоа, заедно со сопругата Елизабета Ѓоргиевска и 17-годишниот син Огнен, ќе треба да го напушти станот во скопската населба Автокоманда за да се всели во претседателската вила на Водно, откако како прв консензуален кандидат на СДСМ и на ДУИ победи во вториот круг од изборите.
Петтиот шеф на државата, а прв по нејзиното преименување во Северна Македонија, исто така, ќе ја извршува претседателската функција во резиденцијата на Водно, каде што, веројатно, ќе влезе првпат кога Иванов ќе треба да му ја предаде формално највисоката државна функција. Иако има неколкугодишно искуство како советник во претседателскиот кабинет, тој период од својата кариера Пендаровски го помина во собраниската зграда, каде што функцијата ја извршуваа двајцата претходни поранешни претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.
Во вториот обид, Пендаровски успеа да стигне до претседателскиот трон, за разлика од пред пет години кога тој првпат влезе во претседателската трка и ја изгуби битката од Иванов. Сепак, се покажа дека и тоа влегување во однапред изгубена битка не било залудно. Веќе во 2016 година Пендаровски ја постигна најубедливата победа за СДСМ како носител на партиската листа во Првата (скопска) изборна единица на осмите парламентарни избори кои, пак, го навестија заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт.
Две години претходно, Пендаровски реши да излезе од сенката на двајцата поранешни претседатели во чии кабинети беше ангажиран повеќе години, и да се обиде и самиот да стигне до претседателскиот трон. Сè дотогаш, тој стоеше на пристојна дистанца од високата политика, придржувајќи се, како што изјави во една пригода, до советот што го добил во почетоците на кариерата од своите родители, инаку учители од првата повоена генерација – да ги избегнува „светлата на рефлекторите“ и големите политички игри. Сепак, со одлуките да се кандидира за шеф на државата – и во 2014 година (кога ВМРО-ДПМНЕ сè уште ги контролираше сите лостови на власта и моќта) и сега (кога над изборите се надвиснуваше опасноста да не биде постигнат цензусот), тој ги поби чаршиските теории дека е човек „кој игра само на сигурно“.
Зборлест, духовит, елоквентен, на моменти и избувлив, но мошне отворен кога се во прашање политиката и меѓународните односи, сè до кандидатурата во 2014 година Пендаровски избегнуваше да зборува во јавноста за својата приватност. Дури тогаш јавноста ја запозна неговата сопруга, инаку доктор на стоматолошки науки, со која е во брак од 1999 година. Наизглед младолик, новиот претседател, на 3 април – во самиот почеток на изборната кампања, наполни 56 години, за разлика од неговите претходници Трајковски, Црвенковски и Иванов, кои дојдоа на функцијата во својата петта деценија од животот.
Пендаровски го поминал детството во скопско Пајко Маало, каде што го завршил основното образование во училиштето „Кирил и Методиј“. Потоа се преселил со родителите во Чаир, каде што учел во гимназијата „Цветан Димов“. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, на правосудна насока, а последните 15 години живее во населбата Автокоманда. Пред завршувањето на претседателскиот мандат на Црвенковски, Пендаровски направи пресврт во кариерата заминувајќи да биде професор на Факултетот по политички науки на „Американ колеџ“ во Скопје. Таму предава група предмети од областа на меѓународната политика, додека не го прифати предизвикот активно да се вклучи во политиката, откако беше избран за пратеник во актуелниот собраниски состав. Но не се задржа долго во парламентот. Кон крајот на 2017 година Пендаровски го замени пратеничкото место со функцијата национален координатор за НАТО во Владата.

Македонската јавност почна да го препознава во 1998 година, кога тогашниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов го назначи за портпарол на МВР и началник на секторот за аналитика. Во 2001 година, кога Никола Димитров беше именуван за наш амбасадор во Вашингтон, Пендаровски дојде на испразнетото место како советник за национална безбедност на тогашниот претседател Борис Трајковски, во чиј кабинет остана до кобната авионска несреќа кај Мостар. Потоа, тогашниот претседател на парламентот, Љупчо Јордановски, како в.д. шеф на државата го назначува за претседател на ДИК. Тоа е моментот кога Пендаровски го навлече на себе револтот на новото раководство и на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски. Под водство на Пендаровски беа организирани вонредните претседателски избори и референдумот за територијалната организација во 2004 година, како и локалните избори во 2005 година. Потоа, тој се врати на старото работно место, како советник за безбедност, а подоцна и за надворешна политика, но во кабинетот на третиот шеф на државата Црвенковски.
На предвремените избори во 2011, Пендаровски, заедно со Зоран Јовановски и сегашниот премиер Зоран Заев, беше дел од промотивниот тим на тогашната опозициска кандидатка за премиер Радмила Шекеринска, додека Црвенковски беше на чело на СДСМ. Во едно интервју, Пендаровски отворено зборуваше за политичките профили на поранешните претседатели и за неговата соработка со нив.
„Во моментот кога ја преземаа функцијата, Трајковски и Црвенковски беа различни, и како луѓе и како политичари. Веруваа во различни политички идеологии и беа на чело на државата во периоди со различни предизвици, но, во едно беа исти – работеа во интерес на државата и народот во областите за кои имаа надлежност. Мандатот на Трајковски беше неспорно потежок заради конфликтот во 2001, но токму во тој период беше забележана и најдобрата кохабитација меѓу еден претседател на држава и лидер на опозицијата (Црвенковски н.з.) што продолжи и во следните три години кога заеднички се вложија во позиционирање на Македонија поблиску до евроатлантските структури“, изјави Пендаровски.

Што се однесува до Иванов, Пендаровски често му забележуваше дека сосема непотребно останал во сенката на партијата која го кандидираше, без да оформи сопствен, препознатлив политички профил.

„На тој начин, Македонија доби уште еден владин функционер, а не претседател на државата, што секако не беше намерата на уставотворците кога го дизајнираа моделот на извршната власт во 1991 година“, изјави Пендаровски во една пригода.
Уште во 2014 година, кога влезе првпат во претседателската трка, Пендаровски беше перципиран како чиста спротивност на неговиот тогашен противкандидат, а сега претседател на заминување. Тие разлики повторно дојдоа до израз во ова предизборие, кога Преспанскиот договор, евроатлантските перспективи на државата и добрососедските односи се најдоа во фокусот на кампањата на Пендаровски, наспроти политиките на Иванов во однос на овие прашања во изминатиот период.
Александра М.Митевска