Портокалова тревога, температурата до 43 степени – Водно спас од горештините

Единствен спас од горештините за скопјани се Водно, парк-шумата Гази Баба, Скопска Црна Гора, Матка и Треска...


Водно во лето (Фото: Б. Грданоски)

 До среда ќе се задржи сончево и многу топло време со високи утрински и дневни температури и со висок УВ индекс. Особено топло ќе биде денеска и во вторник и ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Максималната тенпература денеска ќе биде во интервал од 36 до 43 степени, а УВ индексот ќе изнесува 10.  Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југозападен правец кој во повисоките делови краткотрајно ќе засилува. Максималната тепература 39 степени.

Според УХМР, утре максималната температура во државава ќе достигне 42, в понеделник 40, а во вторник и во среда 42, по што следува пад на 38 степени во четврток, односно 37 во петок.

Единствен спас од горештините за скопјани е Водно и некои подалечни излетнички места, како парк-шумата Гази Баба, Скопска Црна Гора, Матка и Треска…

Фото: Б. Грданоски

Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги задолжи корисниците, односно стопанисувачите со државни шуми во согласност со Законот за шумите, да прогласат забрана за движење во шумите од 17 јули 2023 година.

Забраната важи и за движења во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. На подрачјето на Водно, пак, нема забрана за движење, а предвидени се редовни контролa.

Водно е најблиску до центарот на градот, а планината можат да ја видат сите кои и за прв пат доаѓаат во Скопје. На вакви температури, логично е да посакате да се заштитите од горештините во шума. Водно е идеално место за тоа. 

Фото: Б. Грданоски

Дo таму може да се стигне со автомобил, но ако многумина решат да заминат на Водно, може да се соочите со недостиг на паркинг-места. Затоа, попаметно е да се качите со градски автобус, кој поаѓа од Транспортен центар или со велосипед, па и пеш. 

Од средно Водно пак, до врвот може да стигнете со жичарницата која деновиве работи. 

Како е на Водно погледнете од фотграфиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски. 

Фото: Б. Грданоски