Поројни дождови и поплави во Сан Диего: Граѓаните евакуирани (видео)


Интензивниот дожд во Сан Диего предизвика поројни поплави, поради што беа евакуирани стотици луѓе, а затворени се автопати и градски улици.

Водената стихија носела автомобили и навлегла во подрумите на многу згради.

Градоначалникот на Сан Диего, Тод Глорија, прогласи вонредна состојба и ги повика жителите да избегнуваат непотребни патувања.

Како што објави Њујорк Тајмс, за три часа наврнале речиси осум сантиметри дожд на метар квадратен, што довело до покачување на нивото на водата и излевање на реката Сан Диего.

Американскиот портал пренесува дека вчера падна повеќе дожд отколку за време на тропската бура Хилари минатиот август.

Во квартот Маунтин Вју во Сан Диего, кој беше особено погоден од невремето, многу жители го поминаа денот обидувајќи се да извлечат вода од своите домови и гаражи.

Некои училишта се затворени поради поплави или прекини на струја, а околу 14.500 домаќинства се без струја.