Колапс на зимска сезона во Маврово и Шапка. Отсега ќе се мисли на летен туризам

Во Маврово имаше 40 дена скијање најмногу поради вештачкиот снег, а на Попова Шапка само 14. Снегот го има сѐ помалку, треба да се мисли на поинаква иднина


 

Во услови кога поради недостиг на снежни врнежи скијачките патеки со недели се затворени или претворени во шеталишта, македонските ски центри веќе почнаа со првични анализи за импликациите од пропадната сезона. Спротивно на сите очекувања, скијачката сезона на Маврово се покажа како уште понеуспешна од претходната која исто така беше неповолна, што во пракса значи дека на планината оваа зима имаше само 40 денови за скијање, пишува „Локално“.

Според извршниот директор на ски- центарот Маврово, Огнен Циговски, дури и тогаш оптимални услови имало само на две патеки кои се наменети за добри скијачи, и тоа благодарејќи на топовите за вештачки снег. Високите температури и топлиот ветер го направиja своето, имајќи предвид дека топовите го одржуваат снегот само на температути кои се пониски од 0 степени.

Маврово

„Економските последици од оваа сезона се поразителни. Минатата година нашиот приход беше намален за 1,5 милион евра, а оваа за дури 2 милиони евра. Oваа анализа е во однос на продадени ски карти и хотелското сместување во ресортот Маврово, кој опфаќа три хотели и ски центар“, изјави Циговски за „Локално“.

Оваа зимска сезона ја оценија како најлоша и на Попова Шапка“. Оттаму за „Локално“ посочија дека негативни резултати се регистрирани од аспект на привлекување туристи, како во зимските хотелско-сместувачки капацитети, така и на посетители и скијачи во ски-центарот.

„Оваа година се соочуваме со пропадната ски-сезона од аспект на вкупно ‘добри’ денови за скијање, пред сѐ поради тоа што ски-сезоната во ски центарот „Попова Шапка” е се уште целосно зависен од временските услови, односно од природниот снег. Имавме само 14 добри дена за скијање во целата сезона. Токму поради ова, односно поради релативно кратката сезона, ски-центарот ‘Попова Шапка’ донесе одлука набавените сезонски ски-билети за ова сезона, да важат и за следната ски-сезона 2024/2025“, велат од центарот.

Нагласуваат дека пропаднатата ски-сезона значително се одразила на финансиската состојба на овој ски-центар, а конечните бројки ќе бидат дополнително познати по завршувањето на сите анализи.

Подеднакво лоша беше и скијачката сезона во ски-центарот „Стрежево“. За разлика од некои поранешни години, као на пример 2021-2022 кога како што ни изјави раководителот на ски- центарот „Стрежево“, Горан Марковски имале 75 дена скијање, оваа сезона скијањето било возможно само 12 дена. Причината поради кои успеале барем делумно да ги ублажат финансиските импликации се пониските цени на овој центар.

„Нашите цени во поглед на ски картите и цените во објектот каде се служат пијалоци се многу популарни за разлика од останатите ски-центри во државата, и тоа е една од главните причини зошто сме срдечно прифатени меѓу луѓето. Оттука и без снег, бевме прилично посетени во текот на викендите и затоа не можеме да зборуваме за економски последици бидејќи не располагаме со сместувачки капацитети кои би ни останале неискористени“, посочи Марковски.

Во меѓувреме, останува отворена дилемата како во иднина ќе изгледа зимскиот туризам, особено ако се имаат предвид предупредувањата на научниците дека поради климатските промени ќе има сѐ помалку снег. Во Маврово веќе работат на стратегија за следниот период која ќе биде насочена кон потенцијалите на летната сезона. За вистинско и целосно исполнување на нивната визија , како што вели извршниот директор Огнен Циговски се потребни средства, а нив поради финанските загуби, ги немаат. Отсуствува помош од државата, иако овие инвестиции неколкукратно се враќаат на државата преку даноци за изградба, даноци за купување на земјиште и даноци за ноќевање.

Како позитивен пример Циговски ја посочува владата на Словенија која минатата година на тендер поделила 78 милиони евра на државни и приватни ски-центри. Од нив 80% биле грантови, а 20% учество во ски-центрите, со услов да обезбедат зимска и летна понуда. На овој начин ски-центрите само за една година добиле 14 нови жичари и 4 нови зип линии. Според него, ваквиот модел може да се примени и кај нас , со што ќе бидат обезбедени огромен број придобивки, како во однос на во однос на државата, така и генерално за туризмот.