Пораз на македонските фудбалери од Италија


Фото: Фудбалска федерација

Македонската фудбалска репрезентација загуби вечерва од Италија во Рим со 5:2 (3:0) во рамки на претпоследното 7. коло во групата Ц во квалификациите за Европското првенство во 2024 година.

Актуелниот европски првак Италија и се реваншираше на македонската репрезентација за поразот во Палермо во ланските мундијалски квалификации и веќе по првото полувреме на Олимпискиот стадион имаше висока предност од три голови.

Дармијан во 17 минута и донесе предност на Италија, а Киеза го зголеми водството на 2-0 во 41. минута, откако шеесетина секунди претходно Димитриевски го одбрани ударот на Жоржињо од белата точка. Во судиското продолжение на првиот дел Киеза го постигна својот втор гол вечерва.

На самиот почеток на второто полувреме македонската репрезентација ја намали негативата преку Атанасов во 52. минута од својата прва шанса на натпреварот.Атанасов со својот втор гол во 74. минута го однесе натпреварот во неизвесна завршница, но сите дилеми околу победникот беа решени во 81 минута со голот на Распадори. Конечниот резултат го постави Ел Шарави во четвртата минута од судиското продолжение.

Квалификацискиот циклус избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе го заокружат в понеделник во Скопје против Англија од која на првиот натпревар во јуни во Лондон претрпеа пораз од 7:0.

Пред завршното коло во групата Ц, Англија е лидер со 19 бодови, пред Италија и Украина со по 13 бодови. Македонската репрезентација е четвртопласирана со седум бодови, а Малта на последното место ги заврши квалификациите без освоен бод.