Пораст на расизмот во Европа, поради боја на кожа не можат да најдат работа или да изнајмат стан


Агенцијата за основни права на европските граѓани (ФПА) објави истражување за порастот на расизмот во земјите членки на Европската Унија, а најлоши резултати се забележани во Германија, Австрија и Финска.

Извештајот посочува на зголемување на расната дискриминација за 20 отсто во споредба со претходното истражување. Дискриминираните пријавиле расизам во речиси секоја сфера од животот – од образование до пазарот на труд.

Истражувањето на Агенцијата наведува дека расизмот е „проширен“ и „немилосрден“ и дека мнозинството од испитаниците со африканско потекло постојано пријавувале некаков облик на расна дискриминација – од вербално злоставување на деца до неможност да најдат стан поради бојата на нивната кожа.

Дури 45 отсто од испитаниците, од вкупно 6.752 анкетирани во 13 земји, доживеале расна дискриминација, што е за шест отсто повеќе од претходното истражување на ФПА во 2016 година.

Во Германија (76 отсто) и Австрија (72 отсто), значи дека тројца од четири испитаници доживеале расна дискриминација во последните пет години, што е за 20 отсто повеќе отколку во 2016 година, кога околу 50 отсто од испитаниците во Германија и Австрија доживеале расно насилство или дискриминација.

Директорот на Европската агенција за фундаментални права, Мајкл О’Флаерти, вели дека резултатите се срамни и поразителни.

– Нема подобрување од нашето последно истражување. Наместо тоа, граѓаните со африканско потекло се соочуваат со зголемена дискриминација само поради бојата на кожата“, рече О’Флаерти.

Тој посочи дека расизмот и дискриминацијата не треба да имаат место во европското општество и дека ЕУ мора да ги искористи резултатите од истражувањето за да обезбеди во иднина граѓаните од африканско или кое било друго потекло да ги уживаат истите права.

Истражувањето наведува и како расизмот влијае на секојдневниот живот на луѓето.

Секој четврти испитаник (23 проценти) соопштил дека не можел да изнајми стан или куќа поради нивното етничко потекло.

Исто така, речиси една четвртина од анкетираните африкански родители (23 проценти) изјавиле дека на нивните деца добивале навредливи коментари поради бојата на нивната кожа. Најмногу во Ирска (39 проценти), Германија и Финска (38 проценти) и Австрија (37 проценти).

Истражувањето покажа дека поради расна дискриминација, децата од африканско потекло почесто го напуштаат основното образование отколку општата популација.

Во просек, стапката на вработеност кај граѓаните со африканско потекло на возраст од 20 до 64 години од 71 отсто е слична на вкупната стапка на вработеност од 73 отсто.  Меѓутоа, речиси една третина од испитаниците работеле на „тешки работни места“ во услужниот сектор, што е за околу 10 отсто повеќе од општата популација.

Граѓаните со африканско потекло исто така се несразмерно преквалификувани за сегашните занимања, се вели во извештајот.

Утврдено е дека третина од испитаниците со високо образование вршат работи за кои е потребно основно или средно стручно образование.

Се наведува и дека третина од вработените со африканско потекло имаат договор на определено време, што е три пати повеќе од општите бројки.

Испитаниците во истражувањето се родени во субсахарска африкански земји или се потомци на имигранти со најмалку еден родител роден во субсахарска Африка.

Истражувањето е спроведено во Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Луксембург, Полска, Португалија, Шпанија и Шведска.