Поранешно Матично ќе се реконструира во нов младински центар

Почна реконструкција на објектот на поранешната Управа за водење на матични книги – Матично, што сега ќе биде Младински центар што ќе го користат младински организации. Проектот се очекува да биде завршен на 20 декември.

Целта на овој проект, како што соопшти денеска градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, е да ги вклучат младинските организации во процесот на донесување одлуки не само во креирањето на политика на локалната самоуправа, туку вклучително во општествениот живот.

– Во овој проект ќе биде целосно заврешена реконструкција на 470 метри квадратни и ќе биде заменета целосно фасадата со енергетски ефикасна фасада, кровот и внатрешното уредување каде ќе се добијат простории кои ќе ги користат невладините организации, Сојуз на извидници и останати центри и затоа така го крстивме проектот „Младински центар“, информира Богдановиќ.

Снежана Јанковиќ, претставник на Сојузот на извидници, рече дека Младинскиот центар го гледаат како место на вмрежување на сите младински и организации за млади на територија на Општина Центар.

– Тие ќе можат да го искористат просторот да се вмрежат, да ги прилагодат своите програми и да понудат на младите нешто поинакво, нешто на европско ниво, на светско ниво, место каде ќе може да се собираат, да творат, да бидат креативни, да разменуваат добри практики, позитивни навики и нормално да стекнуваат некои основни навики за вештини за живот кои му се потребни на секој млад човек да прерасне во општествено одговорна личност како што е редот, рече Јанковиќ.

Вкупното чинење на реконструкцијата ќе изнесува 6.941.282,00 денари со влучен ДДВ. Општина Центар ќе обезбеди 83 проценти од финансиски средства, односно 5.768.074,00 денари од Буџетот на општината за 2020 година, а останатите 1.173.208,00 денари ќе бидат обезбедени од Програмата за развој на обединетите нации – UNDP во форма на донација.