Поранешните членови на ДИК се вдомуваат во Управен суд


Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, по примерот на неговиот колега Субхи Јакупи кој долго време беше член на ДИК, конкурирал и на денешната седница на Судскиот совет е избран за судија во Управниот суд.

Како што јавува Нова ТВ, за Чичаковски гласаа 11 членови на Судскиот совет. Дел од членовите рекоа дека Чичаковски “покажал квалитети кога претседавал со ДИК“ и очекуваат тој одговорно да ја извршува и новата функција.

Пред изборот, членот на Советот, Виолета Богојеска рече дека треба да се изберат судии кои веќе работат во Управниот суд. Досега во овој Суд се избираа лица без никакво искуство, а со новиот закон Управниот суд ќе треба да води и судски расправи.

„Како ќе водат расправа кога не знаат како изгледа едно судење“, рече Богојески. За две места во Управниот суд беа пријавени 31 кандидат.

Чичаковски заедно со останатите членови во ДИК поднесоа оставки откако во јавноста беше објавено дека на затворена седница си поделиле високи бонуси.

Ова е последниот избор за судии во Управниот суд по стариот Закон затоа што огласот беше објавен пред 25 мај кога стапи на сила новиот Закон. Со новиот Закон ќе се бираат со завршена академија на судии. Освен Чичаковски, за судија на Управен суд е избрана и сопругата на поранешниот обвинител во СЈО, Артан Ајро, Елеонора Ајро. Ајро била судски соработник во Управниот суд, а Академијата за судии и јавни обвинители ја завршила непосредно пред изборот.

Судскиот совет претходно избра претседатели на десетина основни судови во државата каде повеќе месеци имаше в.д. претседатели.

За претседател на Основниот суд Скопје 2, најголемиот граѓански суд, едногласно и со Бадентерово мнозинство го избра актуелниот претседател Илир Сулејмани.
Управната судијка Исмета Амет беше избрана за претседател на Вишиот управен суд.

За претседател на Основниот суд Битола избран е судијата Миле Димовски. Основниот суд Штип доби нов претседател, судијата Ѓорѓи Андонов.

Од претседателското место на Основниот суд Велес заминува актуелниот Александар Шопов, Судскиот совет ја избра Лидија Димова, едукатор и судија со 33-годишно искуство. ии.

За претседател на Основниот суд Прилеп Судскиот совет го избра Зоран Стеваноски, откако четворицата кандидати пред него, не добија мнозинство гласови.

За претседател на Основниот суд Делчево избран е единствениот пријавен кандидат Миле Ѓорѓиев, досегашен претседател.

Судијата Лазар Нанев не го доби потребното мнозинство да биде избран за претседател на Основниот суд Кавадарци. Осум членови гласаа „за“, а шест „против“.

Амдије Зенку беше избрана со Бадентерово мнозинство за претседател на Кичевскиот основен суд. За претседател на Основниот суд Крива Паланка избрана е Љубица Цветковска-Стојановска. Билјана Толова е изгласана за Основниот суд Неготино.