Поранешниот шпански крал Хуан Карлос бара љубовницата да му врати 100 милиони долари
Поранешниот крал на Шпанија Хуан Карлос (84) се чини дека е во финансиски тешкотии. Имено, тој побарал од својата поранешна љубовница, 26 години помладата Корина Цу Зајн-Витгенштајн, да му ги врати 100-те милиони долари кои иѝ ги дал додека биле во врска, односно додека се соочувал со финансиски афери. Поради тие афери тој конечно абдицира во 2014 година. Неколку месеци откако абдицираше, тој ја покани Корина во ресторан во Лондон во приватна просторија за вечера.
Тој ја замолил да го врати тоа што ѝ го дал или барем да учествува во плаќањето на неговите трошоци, пишува „Тајмс“. Таа на крајот се согласила на тоа, но само ако тој ѝ потпишел потврда дека парите што ѝ ги дал се подарок. Таа се плашела да не биде фатена од даночните власти и обвинета за учество во перење пари.
Имено, тие 100 милиони долари биле во центарот на истрагата и шпекулациите за неговите финансиски „измами“. Парите му ги платила саудиската влада, а кралот на крајот отиде во егзил во Абу Даби. Никогаш не успеа да објасни зошто ги добил тие пари. Средствата прво биле префрлени на неговите приватни сметки во Женева. Во 2012 година беше откриена неговата љубовна врска. Додека Шпанија се соочуваше со економска криза, кралот ја однесе својата љубовница на сафари, лов на слонови во Боцвана. Тој потоа префрлил околу 76 милиони долари на нејзината сметка на Бахамите. Тој се подготвуваше да се врати во Шпанија, но свесен за истрагата, чекаше инспекторите во Швајцарија и Шпанија да се откажат од обвиненијата за корупција и даночна измама.
Една од можните причини за исплатата беше тоа што тој ја фаворизираше работата за изградба на супербрза железница што шпанските компании ја градеа кон Мека. Ниту една истрага не доведе до обвинение, делумно поради тоа што Хуан Карлос уживаше, како крал, имунитет од спроведување на законот.