Поранешниот претседател на Мјанмар ослободен во масовна амнестија
Поранешниот претседател на Мјанмар, Вин Мјинт, е ослободен во рамки на масовната амнестија на политички затвореници во земјата што воената хунта ја спроведе по повод новогодишните празници.
Вин Мјинт беше приведен по воениот пуч извршен на 1 февруари 2021 година, заедно со тогашната де-факто лидерка Аунг Сан Су Чи, и подоцна беше осуден на повеќе од девет години затвор. Засега нема информации дали и таа ќе биде амнестирана.
Со амнестијата се помилувани околу 4.300 затвореници и 179 странски државјани. Меѓу ослободените е и наградуваната документаристка Шин Деуе, осудена на доживотна затворска казна.
Пред затворот „Инсеин“ во Јангон се собрани стотици луѓе, во исчекување информации за свои блиски.
Воената хунта изминатите неколку години во повеќе наврати има донесено одлуки за масовни амнестии, најчесто по повод државни празници. Мјанмар ја прославува Нова година во април.
Воените власти ја презедоа контролата врз државата со пуч во кој беше соборена владата предводена од Су Чи. Од тогаш земјата се соочува со долготраен конфликт, економска криза и оружен отпор.
Пред неколку месеци хунтата организираше и спроведе контроверзни избори, на кои победи про-воената Унија за солидарност и развој.