Поранешниот премиер на Пакистан ранет во атентат

Имран Кан е полесно ранет кога се пукало во камионот во којшто се наоѓал


 

Вооружен маж отвори оган во камион во кој се наоѓаше поранешниот пакистански премиер Имран Кан во четвртокот, ранувајќи го полесно, а исто така и некои негови приврзаници, изјави висок лидер од неговата партија и полицијата.

Партискиот функционер Асад Умар рече дека Кан е ранет во стапалото и дека не е сериозно повреден. Засега не е познат идентитетот на вооружениот напаѓач, кој е уапсен на местото на настанот. Ниту една група не ја презеде одговорноста за пукањето.

Според полицијата, нападот се случил во областа Вазирабад во источната провинција Пенџаб, каде Кан патувал во голема колона камиони и автомобили кои се движеле кон главниот град Исламабад, како дел од неговата кампања со цел да ја принуди владата да одржи предвремени избори.

Кан подоцна беше виден со завој на стапалото. Ранети се и дел од приврзаниците од неговата партија Техрик-е-Инсаф, се вели во соопштението од партијата.

Нападот се случи помалку од една недела откако Кан го започна својот марш од Лахоре, главниот град на провинцијата Пенџаб, заедно со илјадници поддржувачи. Откако беше соборен со гласањето за недоверба во pарламентот во април, Кан тврдеше дека неговaта смена е заговор смислен од неговиот наследник, премиерот Шахбаз Шариф и Соединетите Држави – тврдења кои новиот премиер и Вашингтон ги негираа.