Поранешниот премиер на Израел ги повика светските лидери да се дистанцираат од Нетанјаху


Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт синоќа ги повика светските лидери да се дистанцираат од премиерот Бенјамин Нетанјаху и да го покажат својот „презир“ кон планот на неговата влада за драстично менување на судството.

– Секој лидер кој се дефинира себеси како пријател на Израел, треба да се спротивстави на израелската влада. Израелската влада е антиизраелска и ве повикувам да го презирате премиерот, рече Олмерт во интервју за израелската телевизија Канал 12.

Тој оцени дека Израел „не може да биде претставен со личност која ќе ги уништи демократските темели на државата“.

Коалицијата на Нетанјаху, составена од ултра-националистички и ултра-ортодоксни еврејски партии, спроведува план за судски реформи за да го ослабне Врховниот суд и да и даде на владата контрола над назначените судии и парламентот за да ги заштити законите од судски надзор.

Од коалицијата тврдат дека реформата требало одамна да се спроведе за да се ограничи прекумерната моќ на судот. Критичарите, сепак, предупредуваат дека тоа ќе го уништи чувствителниот систем на контрола и рамнотежи на моќта со концентрирање на моќта во рацете на парламентарното мнозинство.

Тие исто така велат дека тоа е обид на Нетанјаху, кому му се суди за корупција, да ја избегне правдата.

Стотици илјади Израелци протестираа во изминатите два месеци против реформите.

Лидери на високотехнолошките компании, нобеловци, економисти и истакнати безбедносни функционери се изјаснија против, а воените резервисти се заканија дека нема да се пријават на должност, па дури и најголемите сојузници на Израел, вклучително и САД, го повикаа Нетанјаху да забави.

Сите обиди на израелскиот претседател Исак Херцог да посредува за компромис не вродија со плод. Херцог во средата претстави компромисен предлог што беше брзо отфрлен од Нетанјаху и неговите коалициски партнери.

Олмерт рече дека го поддржува предлогот на Херцог, а го поддржаа и лидерите на опозициските партии.

Поранешниот премиер на Израел оцени и дека Нетанјаху ќе доживее „нервен слом“. Односите на Олмерт со Нетанјаху ни претходно не беа добри.

Во 2022 година, судот пресуди во корист на семејството Нетанјаху кое го тужеше Олмерт за клевета, а тој мораше да им плати 28.000 долари бидејќи во две интервјуа во 2021 година рече дека Нетанјаху, неговата сопруга Сара и синот Јаир се ментално болни.

Олмерт се приклучи на протестот против реформите и на демонстрациите во Тел Авив рече дека е неопходно да се оди во следната фаза, фазата на војната и дека војната не треба да се води со говори, туку лице в лице.

Конзервативната партија Ликуд на Нетанјаху го обвини Олмерт дека со изјавата поттикнува насилство.

Олмерт беше премиер од 2006 до 2009 година. Неговиот мандат заврши предвреме бидејќи беше прогласен за виновен за корупција и осуден на 16 месеци затвор за измама во 2014 година.

Тој посебно апелираше до британскиот премиер Риши Сунак да се држи настрана од Нетанјаху. Сунак треба да биде домаќин на Нетанјаху во наредните недели.