Поранешниот канцелар Себастијан Курц основа своја компанија во Австрија


Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц основа компанија во Австрија наречена „SK Management“.

Покрај работата како „глобален стратег“ во американската компанија „Тил Капитал“, на Питер Тил, поддржувач на Доналд Трамп, сега отвори и своја компанија со седиште во Долна Австрија.

Според основачките документи Курц е сопственик и директор на „СК Менаџмент“, компанија чија регистрирана дејност е пред се давање менаџерски услуги, консалтинг, но и учество во други компании.

Според австриските медиуми, Курц ја основал компанијата затоа што сака да продолжи да плаќа даноци во Австрија.

Курц од февруари со својата партнерка Сузана и синот Константин редовно ќе патува меѓу Лос Анџелес и Австрија.

Инаку, Курц поднесе оставка од сите политички функции на почетокот на декември минатата година, по десет години, откако стана предмет на истрага поради сомневање за проневера и поткуп.

Пријателите на Курц велат дека тој видел голема можност во приватниот бизнис и дека неговите нови задачи му претставуваат задоволство, па затоа им посветува големо внимание.