Поранешниот грчки крал Константин ќе биде погребан како приватен граѓанин
Поранешниот грчки крал Константин, кој почина вчера на 83-годишна возраст, ќе биде погребан како приватен граѓанин на имотот Татои крај Атина, кој некогаш беше сопственост на кралското семејство, а денес стои запуштен. Таму се погребани многу личности од грчката кралска лоза, како и други европски благородници. Таква одлука беше донесена на состанокот одржан во средата наутро кај премиерот Киријакос Мицотакис. Допрва треба да се определи црквата каде што ќе се одржи литургија за Константин. Владата на погребот ќе ја претставува министерката за култура и спорт.
Константин, кој последните денови беше хоспитализиран во врвната приватна болницата „Хигија“ во Атина. Според информациите, тој доживеал акутен мозочен удар.
Роден на 2 јуни 1940 година во Атина, Константин Гликсбург беше прогласен за крал на Грција на 6 март 1964 година на 24-годишна возраст, наследувајќи го својот татко Павле I по неговата смрт истиот ден.
Во септември истата година се ожени со тогашната принцеза на Данска, Ана Марија, со која добија три сина и две ќерки. За време на владеењето на воената хунта Константин со семејствотоо побегна во Рим, а потоа се пресели во Лондон.
Во 1974 година, по падот на полковниците и обновувањето на демократијата, се одржа референдумот на 8 декември за устројството на државата на кој граѓаните со 69,18 отсто одлучија Грција да биде република. Со тоа заврѓи монархијата во Грција.
Премиерот Мицотакис по смртта на поранешниот крал рече дека со неговото заминување се пишува „формалниот епилог на едно поглавје кое е дефинитивно затворено со референдумот од 1974 година“.
„Историјата сега го кажува зборот. Таа ќе му суди на Константин за јавниот живот фер и строго“, изјави премиерот, изразувајќи ја својата тага, почит и сочувство до семејството на поранешниот крал.