Поранешниот француски претседател Валери Жискар д`Естен повторно примен во болница

Поранешниот француски претседател, Валери Жискар д`Естен, вчера бил хоспитализиран во градот Тур, јави  француската радиостаницата „France bleu“.

Овој 94-годишен политичар бил однесен во болницата во Тур од неговата резиденција  во департманот Лоар е Шер, во западна Франција.

Засега не е позната причината за неговиот прием во болница.

Во текот на септември д’Естен беше хоспитализиран заради белодробна инфекција и тешкотии со дишењето, потсетуваат француските медиуми.

Жискар д’Естен е еден од највлијателните француски политичари. Бил директен учесник во ослободувањето на Париз за време на Втората светска војна, министер во владата на генерал Де Гол и претседател на земјата од 1974 до 1981 година.