Поранешниот дом на АРМ во Тетово претворен во дувло за девијантни појави


Распаднати ѕидови, искршени врати и прозорци, двор преполн со разновиден смет од каде се шири непријатна миризба. Во ваква состојба се наоѓа поранешниот дом на АРМ во Тетово сопственост на Министерството за одбрана, кој последниве децении се издаваше под концесија. До минатата година објектот го имаше под закуп комбинатот Тетекс каде се организираа разни свечености и културни активности. Откако му истече концесијата, овој значаен објект за градот е запуштен повеќе од една година. Жителите кои живеат во негова близина, реагирале до надлежните повеќе пати.

„Ние писмено повеќе пати се обративме до Министерството за одбрана. Им укажавме дека местото, а посебно дворот е претворен во дива депонија. Тука во вечерните часови се собираат разни луѓе и вршат разни девијантни појави. Но, досега на нашата реакција не добивме никаков одговор“, рече жителка на Тетово која живее во близина на поранешниот дом на АРМ.  

Поранешниот дом на АРМ се наоѓа во строгиот центар на градот. Тетовци се потсетуваат на убавите моменти кои ги поминувале тука и не можат да поверуваат во кавка состојба се наоѓа овој објект.

„Ваков објект не смее да има никаде, а не во центарот на градот. Ова место беше значајно за Тетово, а сега видете во што се претвори, во дувло за зависници од дрога и алкохол. Тука во градот доаѓаат и туристи и тие се носат во центарот и што ќе видат со што да се пофалиме, со место од каде се шират разни болести“, вели еден жител на Тетово.

Пред повеќе од една година премиерот Зоран Заев одржувајќи трибина пред граѓаните на Тетово, вети дека ќе се разгледа можноста поранешниот дом на АРМ да се пренамени во место каде ќе се одвиваат разни забавно – културни активности, со што објектот би прераснал во прекрасно катче за младите, нешто што му недостига на градот. Но, наместо тоа, градот доби голема руина која граѓаните ја заобиколуваат.

Од Министерството за одбрана не добивме конкретен одговор за лошата состојба на поранешниот дом на АРМ. Кусо ни одговорија дека работаат објектот повторно да го добие стариот сјај.

„За разлика од претходните пракси на давање под закуп со директни спогодби, ние сè објавуваме јавно. Имаше објава на оглас за издавање на објектот под закуп, но немаше заинтересирани. Во моментов, Министерството за одбрана и Владата ги разгледуваат сите опции за понатамошното користење на објектот“, посочија од Министерството за одбрана.