Поранешниот директор Нино Васев не го коментира скандалот на Онкологија


Според обвинителството, доктор Васев не му одобрувал терапија на сега покојниот пациент со месеци, а на крајот го упатил сам да си ги набави леквите од Бугарија и овие дејствија ги презел и покрај тоа што не му бил ординирачки доктор на пациентот, туку ординирачки доктори му биле специјалистите Игор Стојковски и Марија Симоновска. Тие двајца се обвинети за несовесно лекување болни.

-Кривичната пријава против овие доктори ја поднело семејството на починатиот пациент со тешко карциномско заболување кој бил однесен на Клиниката за Онкологија и не бил соодветно третиран и лекуван. Односно, поради недоразбирања и погрешно воспоставени дијагнози не му биле дадени соодветни лекарства за лекување на болеста која била евидентирана на Клиниката и која што добила ординирачки доктор.Таквото нелекување и неукажување на помош на пациент според стандардите и според одредбите на Законот за здравствена заштита и Законот за заштита на правата на пациентите подлежи на кривична одговорност. Прашањето зошто не му биле давани лекови е прашање на мотивот на сторување на кривичното дело кој што не сме обврзани да го разбереме во моментот кога го поднесуваме обвинението. Но, доволни се фактите кои што значат елемети: дека одреден пациент со одредена потреба не бил лекуван според стандарди и одредби како што предвидува законот. Зошто е тоа така направено, кои се вистинските мотиви можеби ќе се одговори по завршувањето на оваа главна расправа, изјави обвинителката Лидија Раичевиќ.

На прашањето на „Слободен печат“ дали лекот е набавен преку државен тендер, таа посочи дека тоа не е предмет на обвиниението кое таа го застапува.