Поранешниот боливиски претседател, Ево Моралес, се врати во земјата по едногодишниот егзил

Поранешниот претседател на Боливија, Ево Моралес, се врати во земјата од егзилот во Аргентина и веднаш тргна на тридневно патување од 1.000 километри до неговото упориште во централниот дел на земјата.

-Дел од мојот живот остана во Аргентина, по 11 месеци прогонство, рече поранешниот претседател, кој пешки го мина делот од границата меѓу градот Ла Квика, на северот од Аргентина, до Вилазон, во јужниот дел на Боливија, јави Хина.

Моралес во Аргентина беше придружуван од левоцентристичкиот претседател Алберто Фернандез, кој во неделата присуствуваше на церемонијата на давање заклетва на новиот претседател на социјалистичка Боливија, Луис Арце.

Моралес му се заблагодари на аргентинскиот претседател за гостопримството,  додавајќи дека „му го спаси животот“.

По преминувањето на границата, Моралес беше пречекан од стотици приврзаници.

Моралес се врати во Боливија откако неговата социјалистичка партија МАС се врати на власт, една година откако мораше да поднесе оставка и да ја напушти земјата поради насилните протести на опозицијата.

Поранешниот боливиски претседател (2006-2019) прво неколку недели беше во бегство во Мексико, а потоа се засолни во Аргентина.

Левичарскиот поранешен претседател, кој владееше со земјата 14 години, ја напушти Боливија во ноември 2019 година, откако се обиде да го освои четвртиот претседателски мандат на изборите, што беа обележани со обвинувања за измама.

Неговото враќање ги зголеми тензиите во и онака напнатата политичка сцена во земјата, каде новиот Конгрес со социјалистичко мнозинство ја наметнува својата политичка агенда во услови на жестоки протести на опозицијата.

Засега не се знае каква улога ќе има Моралес во политичкиот живот на Боливија.