Поранешни амбасадори се обединија во Совет – ќе ги советуваат институциите за надворешната политика


Евроатлантските интеграции и унапредување на добрососедските односи се основните принципи кои ќе треба да ги почитуваат членовите на Советот на амбасадорите, што денеска се формираше, а во кое може да членуваат сите поранешни амбасадори и поранешни министри за надворешни работи.

На факултетот ФОН денеска се одржат основачкото Собрание на Советот, кој претставува независно, непартиско, непрофитабилно здружение на амбасадори и поранешни шефови на дипломатии. Основачкото собрание се одржа токму на 8 април, кога во 1993 година Генералното собрание на ОН ја прими земјата како суверена, самостојна и независна држава.

Целта на здружението е преку своите активности  да помогне во креирање и успешното имплементирање на надворешната регионална и меѓународна билатерална и мултилатерална политика, ЕУ и НАТО интеграциите.

За претседател на Советот е избран првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, кој истакна дека оваа благородна иницијатива  се реализира токму на денот на приемот на Македонија во ОН и додаде дека во здружението се поканети сите амбасадори кои не се во активна служба, туку се пензионирани или работат нешто друго, а условот е барем еднаш да биле акредитирани амбасадори во некоја земја.

Ќе работат советодавно, во соработка со универзитети, невладини организации, странски амбасадори, ќе организираат дебати, секој амбасадор може да избере регион или земја за кои смета дека најмногу може да придонесе, ќе даваат препораки до институциите, се со цел да се зајакне надворешната политиката на земјата, да се даде придонес за мирен Балкан и да се европеизира земјата.

Тие ќе се занимаат со главните предизвици на македонската дипломатија, а амбасадорот Арсовски напомена дека најсвеж пример на предизвик е токму решавањето на спорот со Грција.

-По три децении смелите премиери во регионот го направија тој чекор и сега претстои уште многу работа за да се зајакне довербата и во двете земји, да се работи на едно олабавување на затегнатите односи, што го прават различни структури во нашето опкружување и тие се препознатливи и изгледа како да се во телефонска или некоја друга комуникација, бидејќи имаат еднакви реакции на она што значи Европа, она што значи НАТО, што е наша ориентација три децении од денот на нашето осамостојување, во која јас како дипломат се вградив од почетокот на мојата кариера, рече првиот претседател на Советот на амбасадори, Арсовски.

Ќе ги советуваат институциите, но нема да зависат финансиски од нив, бидејќи сакаат да дејствуваат како независно тело, без институционално влијание. Ќе бараат финансиска помош од други структури за да можат да функционираат.

-Наша цел не е профитот, нашата цел е профитот да биде Европа, а Македонија да биде достојна земја во регионот, рече Арсовски.

Нано Ружин , ректор на ФОН, нагласи оти при формирањето на Советот не се прават разлики меѓу политички ориентираните амбасадори.

-За нас сите се еднакви независно кој како размислува. Битно е да се држиме до двата основи принципи – евроатлантските интеграции и добрососедството, рече Ружин.

Амбасадор Мухамед Халили нагласи дека како мала држава не сме имале услови за создавање на професионална дипломатија, составена од луѓе кои кариерно се остварувале во оваа сфера, напоменувајќи дека политиката тука ги има вмешано прстите.

-Меѓутоа кариерен дипломат не е само тој што работи во МНР, туку и тој што има способност и познавање на меѓународната политика, внатрешни односи, соодветно образование. За жал бидејќи имаме несогласувања во политиката дел од поканетите потфрлија и не успеаја да дојдат, рече Халили, нагласувајќи оти такви имало од сите политички провиниенции и оти се надева дека ќе успеат да дојдат на следните состаноци и активности на Советот.

Од осамостојувањето до денес земјава има околу 60 дипломатско-конзуларни претставништва, во почетокот по осамостојувањето дипломатите работеле во тешки услови без доволно финансии и кадар, а една од задачите на Советот ќе биде да дава препораки за екипирањето и финансиското трошење на дипломатските претставништва.

Во врска со ревизорскиот извештај, во кој се нотирани недоследности на трошењата на ДКП во Европа и светот, Арсовски нагласи дека секој дипломат треба да биде свесен за одговорностите што ги има, а во МНР треба да постои соодветна служба која постојано ќе контролира од политички, финансиски и правен аспект.

-Имавме ден период кога амбасадорите партиски заминуваа за четири дена. Ние сме се подготвувале по шест месеци. Замислете да ви кажат за четири  дена одите за амбасадор, а никогаш не сте биле во таа служба, тоа понатаму предизвикува домино ефект, рече Арсовски и додаде дека сепак во дипломатијата има трошоци, кои понекогаш може да изгледаат како грешка, а сепак оправдано да биле потрошени некои средства. Додаде дека е тешко со малку пари да се претставува земјата и напомена дека тие како Совет ќе се обидат да дадат препораки како тоа да се прави на соодветен начин.