Поранешната „Славија“ во Пржино ќе прерасне во современ спортски комплекс


Жителите на населбата Пржино ќе добијат модерен спортски центар на местото од поранешното спортско игралиште „Славија“, соопшти денеска градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Како што информира Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски присуствуваше на почетните градежни зафати на оваа локација со површина од 1350 квадратни метри, каде ќе се изведуваат тениско, фудбалско и кошаркарско игралиште, по најсовремени стандарди. Просторот. кој во моментов е запуштен и неугледен, ќе биде и ограден и осветлен, а ќе се постави и урбана опрема.

 

– Денеска започнуваме со изведба на проект кој ќе има огромно значење за жителите на населбата Пржино, посебно за оние кои се љубители на спортот и рекреацијата. На ова место, кое е доста запуштено и сиромашно во поглед на спортски реквизити, ќе бидат изградени и ставени во функција тениско игралиште со лиена подлога, изработено согласно високи меѓународни стандарди, кошаркарско игралиште, кое исто така, согласно сите стандарди ќе биде изработено со лиан подлога, како и ново фудбалско игралиште со вештачка трева, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Најави дека ќе биде поставена и урбана опрема, а просторот кој зафаќа површина од 1350 квадратни метри ќе биде ограден и осветлен.

– Ова е втор ваков обемен проект кој Општина Кисела Вода го работи во овој релативно кус период и кој е во насока на враќање на стариот сјај на некогашните култни спортски локалитети. Пред само еден месец ги завршивме градежните актвности во селото Драчево, во местото викано Оксиген кое порано било популарна спортска локација оставена да прерасне во депонија, а сега е модерен спортско-рекреативен центар со бројни содржини кој доби и ново име „Tеодор Стојановски Тоше“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Изведбата на новиот современ спортско-рекретивен центар „Славија“ во населбата Пржино треба да заврши за околу два месеца, во согласност со временските услови.